Свет

Во Северна Кореја тврдат дека се без случаи на ковид

Северна Кореја влезе во фаза

Северна Кореја соопшти дека сите заразени со корона вирусот се опоравиле. Оваа земја денеска пријави нула случаи на зараза 17-ти ден по ред.

Како што јави Радио Слободна Европа, Северна Кореја зборува за пациенти со „треска“, без да ја спомене болеста КОВИД-19, поради недостаток на опрема за тестирање. Првиот случај на КОВИД-19 во Северна Кореја беше регистриран и пријавен во мај. Сепак, постои голем сомнеж за податоците, особено за бројот на починати.

„Во текот на изминатата недела, не се пријавени нови случаи на треска и сите оние кои се лекуваа се опоравија низ целата земја“, објави во петокот Корејската централна новинска агенција (KCNA).

Северна Кореја влезе во фаза на „стабилност“, се додава, но земјата „ќе ги удвои напорите за одржување на совршенството во спроведувањето на антиепидемиската политика на државата“.

Државните медиуми јавуваат дека околу 4,77 милиони пациенти со треска целосно закрепнале, а 74 починале од крајот на април, што е стапка на смртност од 0,002 отсто, најниска во светот.

Северна Кореја има еден од најлошите здравствени системи во светот и нема лекови или вакцини за КОВИД-19, велат експертите.

Спротивно на тоа, Јужна Кореја, која има напреден здравствен систем и високи стапки на вакцинација, има пријавена стапка на смртност од КОВИД од 0,12 проценти, според официјалните бројки.

Шин Џонг-џеон, професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот Ханјанг во Сеул, за Ројтерс изјави дека пријавените смртни случаи во Северна Кореја се речиси невозможни и дека бројот на починати може да достигне до 50.000.

Јужнокорејскиот министер за обединување Квон Џонг-се, одговорен за меѓукорејските прашања, рече оваа недела дека има „проблеми со кредибилитетот“ на податоците, но дека КОВИД се чини дека е „донекаде под контрола“ на Северот.

Related posts

Leave a Comment