Колумни

Героски : Дали ако утре се легализира проституцијата во Македонија, семејството Заеви ќе се инволвира и во бизнисот на водење куплераи?

 

Хај Биг Мајк, ви ар даун!

Боже, понекогаш навистина се чувствувам непријатно кога го критикувам Заев и самиот себеси си се карам – па види, бре, новинар еден суетен, педер еден, што сѐ овој златен човек мора да издржи за наше добро, за доброто на Република Северна Македонија и какви критики мора да истрпи, а ние само мрчиме. Е навистина нема смисла…

„Владата на Република Северна Македонија и премиерот Зоран Заев на дневно ниво реализираат бројни средби и работни состаноци на економски теми. Не постои професионален стандард или пракса за јавно информирање за сите работни средби во Владата“.

Ваков да ти бил одговорот на прес-службата на Владата, на многубројните прашања на новинарите за содржината на средбата меѓу премиерот Заев и американскиот бизнисмен Мајкл Штрауметис, попознат како Биг Мајк, човек чија компанија „Advanced Nutrients” е водечка во светот за продажба на „хранливи продукти“ од канабис, присутна во 93 земји во светот.

Толку за транспарентноста на оваа влада. Некој очигледно сфатил дека средбата на премиерот со контроверзниот Биг Мајк, кој повеќе од една деценија има живеено во бегство со лажни идентитети и кој на социјалните мрежи активно пропагира многу повеќе од медицинска употреба на канабисот, би можела да биде неприкладна за имиџот на кандидатот за Нобел. И веројатно паднала одлука мудро да се молчи…

За несреќа, Биг Мајк не знае да молчи. Напротив, тој детално ни објаснува за што, всушност, разговарал со своите домаќини (од кои веројатно само министерот за здравство Венко Филипче има некакво алиби зошто воопшто би се среќавал со кралот на канабисот, содржано во зборот „медицинска употреба“). Така, покрај фотографија со Заев, Биг Мајк (навистина е биг, мајку му стара!) споделува и ваква информација за содржината на средбата со прајминистеро: „„Зборувавме многу за канабисот. И дозволете ми да ви речам, оваа земја има голем потенцијал. Возбуден сум што ќе бидам дел од претворањето на Македонија во една од европските суперсили“.

Браво, браво, браво! Конечно признание од врвен стручњак во својата област дека Македонија барем за нешто има потенцијал да стане „европска суперсила“. Во производство на канабис, односно марихуана. А можам да замислам што ќе се случи ако се остварат иницијативите за целосна, а не само за медицинска употреба на марихуаната. Цела нација има да се возбуди и ќе биде хај!

Внимавајте, јас лично немам никаков посебен отпор кон овие иницијативи, сѐ додека некому не му текне да воведе задолжителна употреба на канабисот. Што, се надевам, е малку веројатно. Освен ако масовното дување не биде некоја акција во рамките на акцискиот план за „одбрана на демократијата“. Додека тоа не се случи, кој сака нека си дува, нека си шмрка, нека прави што сака. Но, сите ние имаме проблем кога човекот кој е платен од даночните обврзници и задолжен да ја претставува оваа земја, нашиот премиер Зоран Заев, чувствува потреба лично да се сретне со еден ваков колоритен лик, каков што е тој Мајк. Па добро, ако е тоа дел од задолжителниот протокол за една земја што треба да стане „европска канабис супер сила“, зошто тогаш не е организирана средба на Биг Мајк и со претседателот Стево Пендаровски? Или средба со претставници на водечките парламентарни партии? Па вака ли се пречекува толку значаен светски бизнисмен и инвеститор?

И што испадна работата? Само се засилија сомневањата дека личната средба на Зоран Заев со Биг Мајк има врска со шпекулациите за наводната инволвираност на семејството Заеви во две наши компании кои произведуваат марихуана за медицински потреби. А тоа нема врска, тоа се замо злобни шпекулации, сигурно по потекло од Христијан Мицкоски, или од некој таков! Оти, кога тоа би било точно, би било скандалозно само по себе, без оглед што производството на канабис за медицински потреби е легализирано. Дали ако утре се легализира проституцијата во Македонија, на пример, за што постојат квалитетни и издржани иницијативи, семејството Заеви ќе се инволвира и во бизнисот на водење куплераи?

Во коментар на мој пост на Фејсбук, еден човек ми објаснува дека моментално имало само 5 или 6 лиценци за производство на марихуана, уште толку кандидати чекале да добијат лиценци, а најмалку за уште 20 до 30 се испитуват условите. Сето тоа, замислете, гарантирало дека во следните пет до шест години ќе се „генерираат“ околу 1 милијарда евра профит годишно, кои државата ќе ги оданочела и ќе инкасирала околу 100 милиони евра. Јеботе бог драги, ма јели то могуче?!

Јас, пак, имам слушнато дека бизнисот со канабис во моментов е тропа и дека тука профит нема. Кој да го знае… А можеби и затоа Биг Мајк дошол во Македонија. Претпоставувам дека Заев му има кажано – диар Мајк, ви ар даун, плиз хелп ас! Така, на англиски. Оти, знаете како е, како и во секој друг бизнис, така и во овој, работата не е баш буцни прачка пиј вино. Во случајов, буцни тревка, цеди масло. Си сака знаење, ноу-хау. Ду ју ноу хау, мистер Заев? Јок бре! Сега Биг Мајки ќе ти покаже. Ги гледаш ова фрајливе тетовирани? Пи-ар, мај френд, ју нид пи-ар! Дај сега да свиткаме по една…

Како и да е, потенцијалот неспорно е тука. Кога веќе ја спомнав темата, јас мислам дека Македонија има исто таков потенцијал и за легализација на проституцијата. За почеток, за медицински потреби, нормално. Ако ништо, имаме работна сила колку ти душа сака. Не мислам при тоа на слободниот пазар – таму, колку што знам, нема работници за ништо! – туку гледам спасоносно решение за проблемот на вишоците во јавната администрација. Таму се крие нашиот потенцијал! Таму врие од потенцијални сексуални работнички и работници. Народски кажано… Ма што има народски да се кажува, се подразбира дека зборуваме за карактерни особини!

Значи, 5-6 лиценци за почеток (во секоја изборна единица по една), плус уште толку на почек, а најмалку 20 до 30 сигурно ќе се испитуваат, па сето тоа заедно може да доведе до профит од 1 милијарда евра годишно, односно 100 милиони евра за државата од данокот (во крв). А?

Арно ама, реално гледано, постои опасност и тој бизнис, слично како канабисот, да не ни тргне веднаш. Оти и тоа не е буцни прачка пиј вино. Или, во конкретниот случај, буцни… Буцни што? Ај не е важно, ќе ви текне. Сакам да кажам, во таков случај секогаш може да поканиме некоја ѕвезда од бизност на легална проституција, некоја белосветска чичолина, па ќе ја прими премиерот лично (може и Филипче, за да го испита „медицинскиот аспект“, Српче овој пат ќе паузира), а таа ќе праша – ду ју ноу хау, мистер Заев? Ела тука, сега тета ќе ти покаже…

Ете, така одат тие работи во светот на бизнисот, ако не сте знаеле. Си сака посветеност, бе, тоа е. Боже, понекогаш навистина се чувствувам непријатно кога го критикувам Заев и самиот себеси си се карам – па види, бре, новинар еден суетен, педер еден, што сѐ овој златен човек мора да издржи за наше добро, за доброто на Република Северна Македонија и какви критики мора да истрпи, а ние само мрчиме. Е навистина нема смисла…

Бранко Героски за Плус Инфо

Related posts

Leave a Comment