Македонија

Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ поднесена иницијатива за референдум против дигитализацијата во образованието, во 18 часот протест низ целата држава

 

Foto

Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска до Собранието по втор пат поднесе предлог за покренување иницијатива за распишување референдум за одлучување по нацрт-законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование.

Овластениот застапник на иницијативата, Драгана Спасевска за Радио МОФ изјави дека Собранието треба во рок од три дена да ги извести дали иницијативата е уредна и прифатена, по нивниот прв неуспешен обид за покренување на иницијативата, кој беше одбиен со образложение дека потписите не биле собрани согласно Законот за референдум.

„Минатиот пат беа брзи, за два дена ни одговорија. Меѓутоа овој пат се надеваме дека ќе биде уредна заради тоа што одевме по сите правни процедури, преку Државната изборна комисија, значи максимално се заложивме да биде се како што треба. Ќе покренеме собирање на 10.000 потписи на ниво на цела република, исто во ДИК, само што ќе биде на територијата на цела земја и после тоа значи ќе одиме наредно, на референдум, каде што 150.000 граѓани треба да се изјаснат дека се против овој закон и да се повлечи“, изјави Спасевска.

Доколку се соберат потребните 10.000 потписи, предлог-законот треба да се најде на референдумско изјаснување. Спасевска се надева дека ќе ја имаат потребната поддршка, поради како што рече, „населението максимално не е за овој предлог-закон“.

Во меѓувреме, таа најави дека денеска во околу 20-тина градови ќе се одржат протести, меѓу кои и Гостивар, Тетово, Охрид, Струмица, Гевгелија и други, на плоштадите и пред општините.

Марш е најавен и во Скопје кој ќе започне во 18 часот од пред Министерството за образование и наука, а ќе заврши во паркот „Жена борец“.

Од МОН пак, претходно реагираа дека блокирањето на дигитализацијата и осовременувањето на образованието преку референдум е апсурдно, додавајќи дека покренувањето на иницијативата е легитимно и уставно загарантирано.

„Но сепак, причината поради која се користи ова право, не е оправдана, апсурдно е на референдум да се блокира напредокот и дигитализацијата со која се осовременува образованието. Промените мора да се случат. Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на нивно интегрирање во системот“, стои во нивната реакција.

Истовремено, оттаму посочуваат дека секој има можност да учествува во подобрувањето на предлог-законот до неговото усвојување.

„Законското решение во кое е дефинирана етапната дигитализација на материјалите за учење, ќе обезбеди поголема интерактивност, намалување на учењето во домашни услови, а воедно и инклузивност, имајќи предвид дека учебниците ќе бидат достапни во аудио формат, но и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид. Всушност, ова е првиот недискриминирачки Закон за учебници кој ќе биде донесен во државата“, се додава во нивното соопштение.

Пред повеќе од десеттина дена, во Скопје беше организиран и марш против најавената дигитализација, додека протести се одржаа во повеќе македонски градови.

Related posts

Leave a Comment

error: Content is protected !!