Свет

Дали падот на Мариупол е прашање на денови? Комплетен осврт на ситуацијата во Украина

 

Русите го уништија главното складиште за гориво во близина на Киев, кое се користеше за снабдување на украинските вооружени сили и го опколија градот Чернихив.

Битката на руските и украинските сили за Мариупол продолжи и вчера. Лидерот на Доњецката Народна Република Денис Пушилин изјави дека нивните сили продолжуваат со операцијата за ослободување на овој град и додаде дека сега жителите на ослободените области можат да добијат хуманитарна помош. Ројтерс ги пренесува наводите на украинското Министерство за одбрана дека руските сили успеале делумно да создадат копнен коридор за Крим од територијата во областа Доњецк. Зборуваше и лидерот на Чеченија Рамзан Кадиров, кој нагласи дека „постигнат е напредок кога станува збор за Мариупол“ и дека чеченските сили „ја ослободиле тамошната управна зграда и на неа го ставиле руското знаме“.

Руските сили го интензивираат нападот на Мариупол, кој стана најбомбардираниот град, бидејќи е клучен за воената кампања на Москва во Украина. Окупирањето на ова пристаниште би било важна стратешка победа за Русија, а удар за Украина, пред се затоа што би обезбедил копнен коридор меѓу Крим и Донбас. Доколку Мариупол наскоро би бил окупиран, Москва би воспоставила целосна контрола над повеќе од 80 отсто од брегот на Црното Море на Украина, што би ја оневозможило украинската поморска трговија и дополнително ќе ја изолира од светот.

Мариупол е и стратешки важно пристаниште на Азовското Море, поради што украинската армија предводена од екстремистите од баталјонот „Азов“ ги одби нападите на руските сили во последните три недели. Градот бил речиси целосно уништен од силите на руската војска што доаѓале. Оневозможен е пристап до електрична енергија, греење, вода, храна и лекови. Создадена е хуманитарна катастрофа, за која Москва ја обвинува Украина, бидејќи одбила да го предаде градот во предвидениот рок – минатиот понеделник. Киев, од друга страна, ја обвинува Русија дека со глад се обидува да го принуди Мариупол да се предаде. Од градскиот совет велат дека луѓето во тој град умираат од глад и дека се стопирани сите обиди за испорака на храна и лекови, кои во Харков се при крај. Локалните власти известуваат дека најмалку 300 луѓе загинале во руското бомбардирање на театарот на 16 март, што Москва силно го негира. Шефот на набљудувачката мисија на ОН за човекови права во Украина, Матилда Богнер, рече дека добиваат се повеќе информации за масовните гробници во опколениот Мариупол, а некои докази доаѓаат од сателитски снимки. Таа изјави дека бројот на цивилни жртви во Украина во изминатиот месец надминал 1.035 и дека мисијата на ОН исто така истражува потенцијални неселективни напади од двете страни во конфликтот.

Главни цели на руските акции и натаму се областа околу Киев, Чернихив и Харков. Украина тврди дека најмалку шест лица загинале, а 15 се ранети во нападот на Харков додека чекале на ред за помош од Црвениот крст. Во исто време, од Русија пристигнуваат вести дека нивните сили го уништиле главниот склад за гориво во близина на Киев, за кој се вели дека бил користен за снабдување на украинските вооружени сили во централниот дел на земјата, со крстосувачки ракети „калибар“ истрелани од морето. Тие го опсадуваат источниот град Чернихив, кој има речиси 290.000 жители и е отсечен од остатокот од земјата. Руското Министерство за одбрана објави снимка од лансирањето на тактички ракетни системи Искандер, кои според нив уништиле база за обука на странски платеници во Украина.

На денот кога помина еден месец од почетокот на војната, Володимир Зеленски им се заблагодари на лидерите на ЕУ за обединувањето во поддршката на неговата земја, но истакна дека „малку задоцниле“ да ја запрат Русија. Зеленски преку видео врска зборуваше на самитот на Европскиот совет во Брисел, каде ЕУ и САД постигнаа договор за купување на американски течен природен гас, што е потег што треба да ја намали енергетската зависност на Европа од Русија. Целта е да се обезбедат дополнителни 50 милијарди кубни метри течен  гас годишно до 2030 година, додека САД се обврзаа да испорачаат 15 милијарди кубни метри до ЕУ до крајот на оваа година, во соработка со меѓународните партнери.

Според премиерот Виктор Орбан, Унгарија нема да одговори на повикот на Киев да дозволи испорака на оружје преку нејзина територија и да го запре увозот на руска нафта и гас, бидејќи не сака да ја ризикува безбедноста на своето население. Министерот за надворешни работи Петер Сијарто подвлече дека не сака Унгарија да плати висока цена за војната. Соединетите Американски Држави и ЕУ се исто така се подготвени да воведат нови санкции кон Русија, кои, според мислењето на Дмитриј Медведев, нема да имаат никакво влијание врз владата во Москва. Поранешниот руски претседател рече дека би било глупаво да се верува дека тоа ќе предизвика незадоволство кај народот кон владата. Тој истакна дека тоа само ќе го обедини руското општество.

Џозеф Бајден од Брисел изјави и дека НАТО никогаш не бил посилно обединет и дека ќе одговори доколку Русија употреби хемиско оружје. Тој најави и нов пакет санкции, а Јенс Столтенберг ја нагласи решеноста на алијансата да помогне со оружје и други средства, но не со испраќање војници и авиони, поради страв дека конфликтот ќе се прелее и во соседните земји. Кремљ одговори велејќи дека наводите дека може да употребат хемиско оружје се тактика за да се одвлече вниманието од срамните прашања за Вашингтон, додека одлуката на НАТО да продолжи да го поддржува Киев се доказ дека алијансата сака конфликтот да продолжи.

Лавров: Западот објави тотална хибридна војна против Русија

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Западот објави тотална хибридна војна против Русија и повеќе не ги крие своите цели, што значи уништување на руската економија. Тој вели дека Русија конечно го сфатила беззаконието што Западот го спроведува со воведување санкции, што покажува дека сите западни вредности за кои тамошните политичари зборуваат долги години се всушност безвредни.

Related posts

Leave a Comment

error: Content is protected !!