Анализа

Дарко Тодоровски: Воените злосторства и кршењето на човековите права во Мариупол

И во 21 век, како и во минатото, во војните и во воените операции кои што се водат ширум светот страдаат безброј цивили. И покрај развојот на воената наука, на воената индустрија која што произведува современи и модерни видови на оружја и техника со огромна точност што доведе до енормно намалување на бројот на цивилните жртви во војните, сепак и и во 21 век, во војните и во воените операции кои што се водат уште страдаат цивили.

Таков е случајот и со војната во Украина, која што денес е во центарот на светското внимание.

Русија и Украина жестоко меѓусебно се обвинуваат за масовни воени злосторства и за кршење на основните човекови права, и двете страни изјавуваат дека имаат безброј докази и дека собираат нови докази за воените злосторства на противничката страна. Но тие се обвинуваат од 2014 година, и мал број на случаи на воени злосторства беа разрешени и доведени до крај, односно извршителите на тие злосторства одговарале. И двете страни презентираат докази и факти пред странските новинари, но останува нејасно како во иднина одговорните за воените злосторства ќе одговараат за истите.

Голем број на странски новинари со акредитација бевме поканети во Општествената палата на Руската Федерација на меѓународната конференција „Доказите за масовни воени злосторства на вооружените сили и националните единици на Украина во Мариупол1“. Настанот се одржа на 21 април 2022 година на иницијатива на руски и странски активисти за човекови права. На конференцијата на нас новинарите од странство ни беа презентирани разни докази за воените злосторства и кршењето на човековите права во Мариупол. Ни беа презентирани и привремените резултати од работата на Меѓународниот јавен трибунал за Украина.

Отворајќи го настанот, членот на Општествената Палата на Руската Федерација, директорот на непрофитната Фондација за проучување на демократските проблеми Максим Григориев потсети на работата на Меѓународниот јавен трибунал за Украина.

Во моментов, Трибуналот интервјуираше повеќе од 250 жртви и очевидци на украинските злосторства, повеќе од 200 од Мариупол. Имаме докази и факти за масовни злосторства на вооружените сили на Украина, Националната гарда на Украина и гардата на територијалната одбрана2“, рече Григориев.

Според него, сите докази за злосторствата на украинските националисти се пренесуваат на органите на прогонот како во Русија, така и во Европа и ширум светот. Сепак, според него, Европскиот суд за човекови права не доведе до крај ниту еден случај врз основа на доказите собрани во претходните осум години, за воените злосторства на Донбас.

На странските новинари ни беа презентирани неколку видеа со цивили од Мариупол, кои што биле ранети, или изгубиле некој од својата фамилија за време на битката за Мариупол. Мачно и тажно беше да се гледаат луѓе во болнички кревети и инвалидски колички без рака, нога, со прострелни рани, луѓе кои изгубиле некој близок, во нивните очи се гледаше тага и немоќ, како и болка додека раскажуваа што им се случило ним или на нивните блиски за време на битката за Мариупол. Сите тие ранети цивили имаат имиња и презимиња, и во видеата тие ја раскажуваат својата тажна историја, некои од нив биле ранети додека се труделе да го напуштат Мариупол, некои биле намерно ранети од снајпери, некои како резултат на намерен минофрлачки напад додека полнеле вода на една од градските чешми, при што загинале 5 цивили, а некои биле користени како жив штит.

Германскиот експерт и новинар Томас Ропер кој што бил во Мариупол, изјави „Западот секогаш зборува за руска пропаганда, но во Шпигел има статија во која се вели дека припадниците на Азов во Мариупол учтиво ги „придружувале“ цивилите во подрумите, додека тие самите им ги окупирале становите одозгора. Шпигел пишува дека се работи за „заштита на цивилите“, но, простете, каква е таа заштита на цивили доколку припадниците на Азов заземат борбени позиции над подрумите со цивили, и на тој начин ги претвараат во легитимна мета3“?

Претседателот на невладината организација „Спомен: Да не заборавиме, нема да простиме!“ Ана Сорока рече дека осум години украинските национални и територијални баталјони вршеле страшни воени злосторства и создавале неподносливи услови за живеење на цивилите на територијата на Донбас.

Ниту еден од меѓународните судски инстанци не реагира на кој било начин. До Меѓународниот кривичен суд и Европскиот суд за човекови права беа испратени повеќе од две илјади тужби, а ниту една не беше разгледана. Згора на тоа, тие побараа да не им испраќаме повеќе тужби и докази за воените злосторства. Ние спроведовме свој трибунал, имаме огромен број податоци за тортура и мачење, за знаци на геноцид регулирани од ОН. Но, тие молчат4“, Ана Сорока.

Според Карин Беше-Головко, професор по јавно право на Универзитетот во Монпеље, повремен професор на Московскиот државен универзитет именуван Ломоносов, тужбите за прекршување на човековите права во Украина мора да се поднесат до судовите на западните земји, постапките во руските судови не се доволни, бидејќи Западот веќе испраќа свои истражители во Украина за да подготват меѓународен судски процес конкретно против Руската Федерација.

Сите разбираме дека има прекршувања на човековите права, но не е доволно да се зборува за тоа на Телеграм, треба да се дејствува законски“ Карин Беше-Головко. Според неа, постапките во судовите на Руската Федерација не се доволни, потребно е да се поднесат тужби во судовите на западните земји.

Нема да биде лесно, но технички постои такво нешто како „универзална компетентност“ во земји како што се, на пример, Белгија, Франција. Доколку е во прашање кршењето на човековите права, националните судови на овие држави може да ги процесуираат ваквите случаи. Русија не е членка на МКС (Меѓународен кривичен суд), и тоа е добро, бидејќи не вреди да се дејствува во рамките на овој суд. Треба да бидете многу внимателни и претпазливи во однос на постапките на западните земји кои испраќаат разни истражители во Украина, бидејќи јасно подготвуваат меѓународен процес конкретно против Русија во Украина. Затоа, ако Русија сега не почне да игра на правното поле, тогаш можеби потоа ќе биде доцна5“ – Карин Беше-Головко.

5 https://ria.ru/20220421/prava-1784815767.html

Дарко Тодоровски

Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Related posts

Leave a Comment

error: Content is protected !!