Анализа

Дарко Тодоровски : Значењето на Косово и Видовдан за Србија

Косово и Видовдан се коренот на Србија и на Српската Православна Црква. Пропаднатите преговори во Белата куќа кои што беа планирани за 27-ми јуни не се првото историско искушение кое што Западот се обидува да и го  наметне на Србија и на Србите на Видовдан. За Западот симболиката на датите, особено на значајни настани за одредена држава поврзани со одредена дата игра голема улога во надворешната политика на Западот.

Дали е случајно и дали планот што го понуди Ричард Гренел ќе биде поприфатлив од оној што Мирослав Лајчак и американската длабока држава ќе го стават на маса ако Демократите и Џозеф Бајден победи на претстојните претседателски избори во САД? Дали Берлин и Париз преку Хашкиот трибунал за воени злосторства и покренувањето на ново обвинение против Хашим Тачи свесно ги минираа преговорите во Вашингтон помеѓу претседателот на Србија Александар Вучиќ и претседателот на меѓународно непризнаетото Косово, Хашим Тачи под палка на администрацијата на Доналд Трамп?

Дипломатска офанзива

Администрацијата на Трамп успеа да го тргне Курти од премиерската позиција од Приштина, како резултат на неговите радикални ставови и отказот од преговори со Белград. Пред тоа го тргнаа и Харадинај од премиерската позиција. Администрацијата на Трамп сака пред претседателските избори во ноември да го реши статусот на Косово со цел да добие ветер во грбот, и е спремна на Белград да му понуди огромен пакет економска помош доколку Белград се откаже и го признае Косово.

Тајмингот на подигнување на обвинението против Тачи не е случаен и зборува за сериозниот судир во позадина кој што се води помеѓу САД и ЕУ, поточно Вашингтон против Берлин и Париз. Берлин и Париз сакаат статусот на Косово да се решава преку посредство на ЕУ, да се исклучи „Резолуцијата 1244“ и без мешање од страна на Москва и на Вашингтон на Балканот. Но ЕУ нема таков дипломатски капацитет, а и средства со кои што ќе ги принуди Белград и Приштина да се договорат.

Москва од друга страна Москва смета дека „Резолуцијата 1244“ е актуелна и денес, за што говори изјавата на Путин по состанокот со Вучиќ дека „важно е да се постигне компромис по косовското прашање кое што е прифатливо за Белград и истиот да биде одобрен од страна на Советот за Безбедност на ООН“. Лавров по средбата со Дачиќ изјави дека „Руската Федерација секогаш ќе ја поддржува Србија по прашањето на Косово, и основа за решавање на проблемот на Косово игра  Резолуцијата 1244, која што и денес е актуелна.“ За време на посетата на Брисел на 25-ти јуни  и по средбата со Урсула фон дер Лајен Вучиќ изјави дека „независно од покренувањето на обвинение против Тачи дијалогот и преговорите со Косово мора да продолжат со посредство на ЕУ“. Урсула фон дер Лајен изјави дека „дијалогот помеѓу Белград и Приштина е клучен за приближувањето на Србија кон ЕУ“. ЕУ, а пред се Берлин и Париз, не можат да го решат проблемот на Косово без учество и поддршка на Москва и Вашингтон.

Косовскиот јазол и Резолуцијата 1244

Во својот говор од 2-ри октомври 2000 година, Слободан Милошевиќ ја предвиде иднината на Србија, Косово, Црна Гора и регионот. Одлуката под притисок од Западот од 2001 година на премиерот Зоран Џинџиќ на Видовдан да го испорача на Хашкиот трибунал бившиот претседател Слободан Милошевиќ имаше за цел да го релативизира значењето и митот на Видовдан за Србија и Србите, бидејќи Милошевиќ можеше да биде испорачан било кој друг ден.

„Резлуцијата 1244“ на Советот за Безбедност на Обединетите Нации која што гарантира целосен државен суверенитет на целата територија на Косово и Метохија. „Резолуцијата 1244“ денес е актуелна и истата е гарант дека Србија нема да го изгуби Косово и Метохија, и истата е основа за решавање на косовскиот проблем. Но почнувајќи од 2001 година, сите влади и претседатели на Србија под притисок на Западот пристапуваат кон релативизирање и делегитимизирање на „Резолуцијата 1244“. Уште на почетокот Зоран Џинџиќ и Војислав Коштуница се откажуваат од одредбата која што предвидува враќање на 1 000 српски војници и полицајци на границата со Македонија и со Албанија. Во 2004 година се случи протерувањето на голем број на Срби од Косово и Метохија, при што имаше загинати, голем број на цркви и манастири беа уништени, исто и домовите на голем број на Срби, а КФОР не превзеде ништо да го заштити српското население.

Во 2008 година, претседателот Тадиќ и владата предводена од неговата партија даваат согласност за формирање на мисијата ЕУЛЕКС под покровителство на Европската Унија што значеше префрлање на дел од преговорите од Обединетите Нации и Советот за Безбедност под водство на Брисел и Европската Унија. Истата таа година со поддршка на САД и на најголемиот дел од ЕУ Косово прогласува независност. Во 2013 година, претседателот на Србија Николиќ, премиерот Дачиќ го потпишуваат Бриселскиот договор помеѓу Белград и Приштина. „Бриселскиот договор“ оди во прилог на Приштина и на верификување на независноста на Косово. До денес сите одредби од договорот се исполнети со исклучок на формирањето на „Заедница на Српски општини на Косово и Метохија“.

Одредбата за формирање на Српски општини на Косово и Метохија никогаш не беше конкретизирана, и политичката елита на косовските срби се откажа од одредбата и „Српската листа на Косово“ влезе во коалиција со новиот премиер на Косово Абдула Хоти, при што во договорот за коалиција воопшто не се спомнува формирање на „Заедница на Српски општини на Косово и Метохија“. Србија во изминатите 20 години постојано правеше отстапки во однос на Косово под притисок на Западот, и ги исполнуваше барањата кои што беа поставени пред неа, за разлика од Косово, кое што никогаш не исполни ништо, и користејќи ја дипломатската, економската и воената поддршка од страна на САД и Западот чекор по чекор ги остварува своите цели. Според сите правни експерти договорот од Брисел не е во склад со уставот на Србија како и со Резолуцијата 1244, и истиот ја става Србија во подредена положба.

Поминаа повеќе од 20 години од воените злостворства на УЧК на Косово и Метохија. И покрај тоа што беа покренати низа обвиненија против водачите на УЧК, Хашкиот трибунал сите ги ослободи. Сведоците, па дури и заштитените сведоци кои што требаше да сведочат пред Хашкиот трибунал за воените злосторства на Хашим Тачи, Рамуш Харадинај, и на другите водачи на УЧК беа убиени и замолкнати. Минатата година Хашкиот трибунал покрена обвинение против Рамуш Харадинај, по што тој беше приморан да се повлече од позицијата премиер на Косово. Харадинај беше пуштен да се брани на слобода, и покрај фактот што во претходните постапки против него сите сведоци беа убиени. Со оглед на сето тоа, постои реално сомневање дека покренувањето на обвинение против Хашим Тачи е  обична фарса, и целта не е да се казнат одговорните за воени злосторства, туку е инструмент кој што Берлин и Париз го користат да ја спречат администрацијата на Трамп да успее да го реши проблемот на Косово пред претседателските избори во САД во ноември.

Косовското прашање е најважното национално и територијално прашање за Србија и неговото решавање не може да биде временски ограничено, ни со години, ни со децении, Србија мора да се бори на сите фронтови и во периодот на повеќе генерации и како што покажува историјата и векови, бидејќи интересите на големите сили не смеат да бидат над интересите на Србија, и тие интереси на големите сили не смеат да бидат обврзувачки за Србија. Србија може да го изгуби Косово доколку самата се откаже од него, и да го замени за влез во Европската Унија. Србија ја има на своја страна правдата како и „Резолуцијата 1244“, и како многупати низ својата историја, треба да не подлегне на притисокот и да опстои, и на крајот ќе излезе како победник.

Дарко Тодоровски

Loading...

Related posts

Leave a Comment