Колумни

ДАРКО ТОДОРОВСКИ : РЕШАВАЊЕ НА КОСОВСКИОТ ЈАЗОЛ

Дали е дојдено време за решавање на статусот на Косово после убедливата победа на Српската Напредна Партија на парламентарните избори во Србија, како и смената на Курти од премиерската позиција во Приштина, или во прашање е уште еден дипломатски танц на Белград и Приштина. 22-ри јуни, ден после предвремените парламентарни избори, претседателот на Србија Вучиќ се сретна со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот помеѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак.

После победата на предвремените парламентарни избори на неговата Српска Напредна Партија, претседателот на Србија Александар Вучич во рок од седум дена прво ќе има тешки средби и преговори во Москва, потоа во Брисел, и на крајот во Вашингтон. Но решението на статусот на Косово не се гледа на хоризонтот.
Дипломатска офанзива
Во последно време се активираа јавните дискусии во Белград, Приштина, Брисел, Москва и Вашингтон околу можното решавање на Косовскиот јазол. САД ја активираа својата дипломатија се со цел решавање на статусот на Косово, и 27-ми јуни во Вашингтон со посредство на САД требаше да се сретнат Вучич и Тачи за да преговараат за иднината на Косово. Пред тоа Вашингтон успеа да го тргне Курти од премиерската позиција од Приштина, како резултат на неговите радикални ставови и отказот од преговори со Белград. Администрацијата на Трамп сака пред изборите во ноември да го реши статусот на Косово, но малку е веројатно дека сама ќе успее во тоа. Со покренувањето на обвинение против Хашим Тачи за воени злосторства од страна на Хашкиот трибунал тие преговори се минирани, и веќе се откажани. Тајмингот на подигнување на обвинението не е случаен и зборува за сериозниот судир во позадина кој што се води помеѓу САД и ЕУ.ЕУ, а пред се Берлин се против преговорите во Вашингтон и евентуалната поделба на Косово, и затоа Берлин преку Хашкиот трибунал ги минираше преговорите во Вашингтон. Европската Унија, пред се Германија е незадоволна од активноста на САД, која што не се консултираше со Европската Унија, но факт е дека преговорите кои што неколку години се водеа во Брисел со посредство на ЕУ не дадоа резултат. Важен фактор за решавањето на спорот на Косово е и Москва, која што од 1999 година е најважниот дипломатски сојузник на Србија, и која што не дозволува Косово да биде примено во меѓународните институции. Москва настојува статусот на Косово да се решава преку Резолуцијата на Советот за Безбедност на Обединетите Нации 1244 од 1999 година. Одложените преговори во Вашингтон помеѓу Белград и Приштина, без присуство на претставници од Брисел и Москва беа осудени на пропаст уште пред нивниот почеток. За тоа сведочи и изјавата на Вучиќ после средбата со специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак дека „Србија како резултат на одлуката на Генералното собрание на ООН потполно ги поддржува преговорите и дијалогот Белград Приштина кој што се води под покровителство на ЕУ“ . По прашањето на Косово, Вучиќ и Србија постојано се консултираат и советуваат со Москва. Министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Лавров беше во официјална посета на Белград на 18-ти јуни 2020 година, и на средбата со неговиот колега Ивица Дачиќ Лавров изјави дека „Руската Федерација секогаш ќе ја поддржува Србија по прашањето на Косово, и основа за решавање на проблемот на Косово игра Резолуцијата 1244, која што и денес е актуелна. “

23-јуни Вучиќ беше во официјална посета на Москва и имаше состанок со претседателот на Руската Федерациија Владимир Путин. По состанокот Вучиќ изјави дека „имавме срдечен и позитивен разговор со Путин, на кој што разговаравме за решавањето на косовскиот проблем, и Путин на мудар начин ги изнесе своите ставови, при тоа почитувајќи ги ставовите на Белград.“ Путин изјави дека „важно е да се постигне компромис по косовското прашање кое што е прифатливо за Белград и истиот да биде одобрен од страна на Советот за Безбедност на ООН“.
Веднаш после посетата во Москва, Вучиќ отпатува во Брисел каде што се сретна со Урсула фон дер Лајен. Таа изјави дека „дијалогот помеѓу Белград и Приштина е клучен за приближувањето на Србија кон ЕУ“. Вучиќ изјави дека „независно од покренувањето на обвинение против Тачи дијалогот и преговорите со Косово мора да продолжат со посредство на ЕУ“.
Што понатаму?
Со оглед на моменталните настани, како и на поставеноста на шаховските фигури не е можно решавање на статусот на Косово. Причина за тоа се несогласувањата помеѓу големите сили и расколот помеѓу САД и ЕУ, во поглед на начинот на решавање на статусот на Косово. Додека Вашингтон поддржува и разделување на Косово и размена на територии, Берлин и Париз се против таквото сценарио. Од друга страна, Москва поради свои интереси исто така е против решавање на статусот на Косово. Со оглед на ваквата поставеност на фигурите, решавањето на статусот на Косово не се гледа на хоризонтот и најверојатно ќе се задржи статус кво ситуацијата. Берлин и Париз сакаат статусот на Косово да се решава преку посредство на ЕУ, без мешање од страна на Москва и на Вашингтон во дворот на Берлин и Париз на Балканот. Но ЕУ нема таков дипломатски капацитет, а и средства со кои што ќе ги принуди Белград и Приштина да се договорат.
Почнувајќи од 1999 година Косово е „Временска бомба“ кога западните држави поставија цел да ја обезбедат независноста на Косово при тоа заобиколувајќи го меѓународното право и норми. При тоа западните држави не ги зедоа во обзир интересите на Белград и Србија, како и интересите на Москва и на Пекинг, кои што се против независноста на Косово. Како резултат на Косово до ден денес е врелиот костен на Балканот и пошироко. Од решавањето на неговата иднина во многу зависи иднината не само на Балканот, но и иднината на други слични вакви примери. Косово е преседан кој што ја отвори Пандорината Кутија, и го пушти духот ширум светот, по што следеа и други вакви случаи, како што се Абхазија и Јужна Осетија, Јужен Судан, Источна Украина и референдумот во Каталонија.
И покрај неуспехот на преговорите Србија ќе отвори дел од поглавјата за пристапување кон ЕУ, а решавањето на статусот на Косово ќе биде оставено за некои подобри времиња, кои е можно да се случат после претседателските избори во САД.
Косово денес е квази држава со нестабилни и нефункционални државни институции, со корумпирани и криминални политички елити, и голем дел од нив имаат крв на своите раце од војната во 1999 година на Косово, и тие до денес не одговараа пред лицето на правдата за воените злосторства. Но судејќи според се дојдено е времето дел од учесниците во тие воени злосторства да одговараат пред Хашкиот трибунал.

Дарко Тодоровски

Фотографија на Дарко Тодоровски.

Loading...

Related posts

Leave a Comment