Колумни

Дарко Тодоровски: Хартленд против Римленд – Истокот против Западот

 

Светот повторно се враќа на класичната геостратешка битка, Хартленд против Римленд. Копнените континентални сили против поморските сили, НР Кина заедно со Русија и сојузниците, против англосаксите и евроатланските сојзи. Традиционалните вредности против неолибералните вредности. Судар на два титани и колоси, а кога челикот ќе удри на челик целиот свет се тресе и се формира нов светски поредок. Од исходот на овој глобален судир зависи иднината на светот.

Западот под водство на САД има намера да се бори против Русија и НР Кина со оживување на концептот Римленд, кој претходно му помогна на Западот во Првата и особено во Втората Светска Војна, како и во Студената војна. И тоа преку моќта на своето оружје, како и создавањето на разни воени сојузи и алијанси ширум светот.

Светската доминација на Западот во последните 300 години не се базираше на привлечноста на западот, западната култура, економија и иновации, туку се базираше на жестоката воена сила и освојувачки војни. Но за прв пат во последните 300 години Западот ја изгуби воената предност, која што полека се сели во рацете на државите од Хартленд. Како и многупати низ историјата судирот помеѓу Хартланд и Римленд е неизбежен, и двете страни ги активно работат на зајакнување на своите сојузи, и на создавање на нови сојузи.

Лакот на стратешка соработка поддржан од САД сега се протега од западна кон источна Евроазија, формирајќи одбранбен океански „Римленд“ кој се спротивставува на непријателските континентални сили на Евроазија, Кина, Русија и нивните сојузници. Овој пристап има историска позадина бидејќи се заснова на стратегиите на Халфорд Мекиндер (1861-1947) и Николас Спикман (1893-1943). Нивните стратегии беа основата на одбранбената политика на Британија, Америка и на Западот воопшто за време на Првата светска војна, Втората светска војна и Студената војна. Целта на САД и Западот е преку создавање на разни воени сојузи и алијанси во близина на Русија и НР Кина да се ограничи нивниот развој и прогрес, да се создадат зони на нестабилност преку стратегијата на контролиран хаос, контролиран хаос почнувајќи од Белорусија, Украина, Кавказ, Централна Азија, Тајван, Пакистан, Мјанмар, Шри Ланка. Целта е Русија, НР Кина и нивните сојузници да не можат да ги насочат своите сили и средства на еден правец, а да бидат постојано зафатени со решавање на кризни жаришта во близина на своите граници.

Развојот на нов стратешки концепт за Западот стана очигледен за време на блискоисточната турнеја на американскиот претседател Џо Бајден. Ова се случи на 14 јули на онлајн самитот на четирипартитната група I2U2 (израелскиот премиер Јаир Лапид, индискиот премиер Нарендра Моди, претседателот на Обединетите Арапски Емирати Мохамед бин Зајед и Бајден). Првично, групата I2U2 беше формирана за да ја промовира соработката за економски и технолошки прашања, но советникот за национална безбедност на Бајден, Џејк Саливан подоцна го спореди I2U2 со „QUADчетиристран безбедносен дијалог, кој е индо-пацифичка алијанса во зародиш, во која се вклучени и Соединетите држави. Јапонија, Австралија и Индија“. Но Индија полека се дистанцира од политиката и стратегијата на САД против Русија и НР Кина. Додатно САД во Индо-Пацификот го создадоа и сојузот AUKUS, кој што покрај САД ги вклучува и Велика Британија и Австралија.

Политиката на САД во однос на Русија и НР Кина ги турка Москва и Пекинг во стратешки сојуз. Во својот стратешки сојуз Русија и НР Кина се водат од стратегиите на Евгениј Примаков (1926-2015) и Сун Цу. Според легендарниот кинески воен теоретичар и генерал „Правилото за војување не е да се потпираме на тоа дека непријателот нема да се појави, туку на она со што можеме да го пресретнеме; да не се потпираме тоа дека тој нема да не нападне, туку да се потпираме на својата сила за да го оневозможиме да не нападне. Евгениј Примаков ги постави основите на доктрината за стратешкиот триаголник Москва – Пекинг – Дели, односно БРИКС, и идеите на Евгениј Примаков беа во основата при создавање на ШОС во 2001 година. За да се спротистават на англосаксонската фрлена ракавица, Русија и НР Кина ги зајакнуваат и прошируваат ШОС и БРИКС. После неодамнешното приклучување на Индија, Пакистан и Иран кон ШОС, уште десет земји сакаат да се приклучат на ШОС: ОАЕ, Сирија, Катар, Саудиска Арабија, Мјанмар, Камбоџа, Непал, Египет, Ерменија, Азербејџан. Целта на Русија и на НР Кина, заедно со своите сојузници, е да се создаде зона на стабилност и просперитет во ЕврАзија, која што треба да се спротистави на стратегијата на организиран хаос од страна на САД и Западот.

Египет, Турција и Саудиска Арабија изразија желба да се приклучат на БРИКС и веќе се во фаза на приклучување кон организацијата. Неодамна, Иран и Аргентина доставија документи за приклучување кон БРИКС. А БРИКС и неговото проширување и понатамошен развој и продлабочена интеграција е пандан на западниот Г7 проект.

Јалто-Постдамскиот светски поредок е срушен, и на неговите урнатини ќе никне нов светски поредок. За рушењето директно се виновни САД и Западот, кои што имаа најголема корист од истиот тој поредок. Западот под водство на САД го премина Рубикон и им ја фрли ракавицата на државите од Хартленд. САД и Западот се уверени дека можат да издржат војна на неколку фронтови, нешто што никој во историјата не успеал да го оствари. Од друга страна за Русија, НР Кина и другите држави од Хартленд, ова е судир од животна важност, и истите се убедени дека ќе можат да му се спротистават на Западот-Римленд и да извојуваат геостратешка победа.

Дарко Тодоровски

Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Related posts

Leave a Comment

error: Content is protected !!