Десетици мајмуни од зоолошката градина Крефелд во Западна Германија загинаа синоќа во пожар кој избувнал во нивната куќа, соопшти раководството на зоолошката градина.
Локалната полиција соопшти дека пожарот најверојатно бил предизвикан од летечки кинески лампиони од хартија.
„Нашите најлоши стравови се остварија“, се наведува на фејсбук страницата на Зоолошката градина.
Според локалната полиција, загинале најмалку 30 мајмуни.
Пожарот избувнал веднаш по полноќ во куќата на мајмуните во зоолошката градина Крефелд во Северна Рајна-Вестфалија.
Во неа биле сместени орангутани, шимпанза и други мајмуни. Преживеале само две шимпанза, како и семејство горила сместено во соседната зграда.
Пожарникарите успеаја да спречат пожарот да се рашири во другите згради во зоолошката градина.
Според првичните сознанија, пожарот бил предизвикан од кинески летечки лампиони од хартија, кои се забранети во областа од 2009 година.
Во комплексот на зоолошката градина се пронајдени три лампиони. Неколку очевидци објавија дека ги виделе тие цилиндрични хартиени лампиони со мали пожари кои летале низ небото, веднаш по полноќ во близина на зоолошката градина, им рече на новинарите Герд Хопман, шефот на градската криминална полиција.
„Луѓе пријавиле дека ги виделе лампионите како летаат ниско близу зоолошката градина и тогаш почна да гори“, рече Хопман.
Зоолошката градина ќе остане затворена денес бидејќи вработените се во шок по оваа ужасна трагедија.
Според администрацијата, загинале уште пет други орангутани, две горили, шимпанза и неколку други мајмуни, како и некои птици.
Само две шимпанзи се спасени од пожарот, тие имаат изгореници, но се во стабилна состојба, рече директорот на зоолошката градина Волфганг Дресен.
„Речиси е чудо што Бали, 40-годишна женка шимпанзо и Лимбо, помлад мажјак, го преживеаја овој пекол“, рече Дресен и додаде дека многу чувари биле во шок.