Здравје

ДРАГАН ДАНИЛОВСКИ : Во војна сме, пострашна од сите досега! И тоа војна со невидлив, но страотно моќен непријател! Микро-ламја со илјада глави!

Фотографија на Dragan Danilovski.

Познатиот македонски лекар епидемиолог, универзитетски професор и поранешен министер за здравство, Драган Даниловски на својот ФБ Профил напиша алармантен статус за состојбата со вирусот Ковид-19

Можно е да е разрешена „тајната“ на молневитото ширење низ светот!

Наодите на една ретроспективна студија, спроведена на 366 хоспитализирани деца од околината на Вухан, Кина, покажуваат дека инфекциите со САРС-КоВ-2 кај децата се случувале многу пред да се регистрираат првите случаи на болеста.

Тоа значи дека вирусот подолго време подмолно се распространувал низ популацијата, користејќи ги токму децата и младината. И јасно е сега зошто тие или немаат воопшто или имаат лесни симптоми. Тие се најдинамичниот дел од популацијата, со најмногу социјални контакти. Тоа овозможува максимални шанси за воспоставување на ланци на инфекција. Со тоа се овозможува експоненцијален раст на бројот на инфекции, без можност да бидат детектирани, број кој се удвојува периодично, на одреден број денови.

Во САД бројот на болните се удвојува на 6 дена! Кај нив на 23 февруари имаше 35 случаи, сега имаат 3045 (14.00 часот, денес). Истиот модел важи и во сите други земји!

Според истиот модел, кај нас, (се разбира, ова е само проекција), бројот на болни за 30 дена ќе се искачи на 2500! А за два месеци? А за една година? Апокалиптично звучи, зарем не?

Ова што ни се случува на планетава е најстрашното искушение пред коешто човештвото е исправено, уште од времето на „Црната смрт“ (чума) (1347-1351) која, се проценува, убила 350-375 милиони луѓе, од вкупно 475 милиони и т.н. Шпански грип (1918-1920), од кој заболеле 500 милиони луѓе или 27% од тогашната светска популација од 1,8 милијарди, а умреле меѓу 50 и 100 милиони!

Со многу висока веројатност може да се тврди дека огромна пропорција на инфекции се случени благодарејќи на расејување на вирусот преку асимптоматските сејачи на вирусот. А нив најмногу ги има меѓу децата и младите.

И токму тие се покажаа најнедисциплинирани во почитувањето на мерките за спречување на епидемијата.

И наместо затворањето на училиштата и факултетите да вроди со плод (да ги редуцира меѓусебните контакти), проблемот веројатно стана уште поголем. Затоа што тие веднаш ги наполнија кафулињата и дискотеките… И се создадоа услови за воспоствување на безброј ланци на инфекции… инфекции невидливи, а сепак присутни…чијшто број расте експоненцијално… како снежна лавина. Така настанува епидемиското ширење, кое сè повеќе се интензивира. Ние тоа го нарекуваме епидемиска амплификација.

А во тие ланци сигурно може да се случи да се врзат и мајките, татковците, бабите и дедовците на младинците желни за забава… Кои, пак, со висока верјатност ќе добијат тешка клиничка слика на болеста… некои од нив и многу тешка… а некои и ќе умрат! Непотребно!

И зошто сето тоа? Заради разгаленоста и егоизмот на голем дел од младите (се разбира, не сите!), на кои им е важно само „добро да се забавуваат“! А одговорноста и грижата за своите блиски?

Секако, не се само младите… Потенцијални сејачи се и сите други граѓани кои се наоѓаат во периодот на инкубација или се асимптоматски случаи, а кои исто така немаат чувство на одговорност и совест (се разбира, не сите!), воопшто не обѕирнувајќи се на мерките пропишани од Владата. Кафеаните преполни, во продавниците игла нема кај да фрлиш, луѓе рашетани по светот, тераат туризам, раскомотени по седенки, журки, чајанки по дома… небаре ќе биде крај на светот… Колективна и лична свест и совест – нула! Хедонизам на најјако! Содома и Гомора! Шанси за пренос на вирусот – максимални!

Ова се фактите… Со вакво поведение на (дел од) граѓаните епидемиолошките ризици се речиси исти, како и воопшто да не би биле распишани било какви мерки! Што значи тоа? Значи дека вирусот непречено ќе се шири и епидемијата ќе добива на интензитет, како снежна топка што станува лавина!

Тоа неизбежно ќе доведе до надминување на капацитетот на здравствениот систем! Луѓе ќе умираат зашто нема да може да им се укаже помош! Катаклизма!

Тоа не смееме да си го дозволиме!

Нема држава која ќе толерира неодговорно, индолентно и (дури) деструктивно поведение на своите граѓани.

Ако досегашните мерки, кои се потпираа, во голем дел, на препораки, односно на свеста на граѓаните, не произведуваат ефект во смисла на редукција на контактите меѓу граѓаните (со седење дома), логично мора да следи фаза на примена на најрадикални мерки на принуда. Дури и со херметичко затворање на државата! И полициски час!!!

Државата мора да преземе такви мерки. И тоа ќе биде сосема легитимно!

И тоа најитно! Во интерес на општото добро…

Откажување нема! Во војна сме, пострашна од сите досега! И тоа војна со невидлив, но страотно моќен непријател! Микро-ламја со илјада глави!

Да бидеме единствени и одлучни! Опцијата е една и единствена!

NO PASARÁN!!!

Loading...

Related posts

Leave a Comment