Интервју

Ексклузивно Интервју за Слободен Свет со Дарко Тодоровски, директно од Донбас

Како новинар кој што бил во Донбас и во Украина, раскажете накратко за нашите читатели кои градови и населени места сте ги посетиле, и дали постоеше опасност за вас новинарите за време на вашата работа таму?

Јас сум единствен новинар од Македонија кој што како дел од две прес тури организирани од Министерството за одбрана на Руската Федерација, заедно со голем број на новинари од различни држави од светот имав можност да ги посетам Доњецк, Луганск, Горловка, Волноваха, Славјаносербск, Трехизбенка, Мариупол во регионот Донбас, како и градовите Бердјанск, Мелитопол и Енергодар во регионот Запорожје, Украина. Сите прес тури се организирани на високо безбедносно ниво, сите новинари сме во панцири и во шлемови, а за нашата безбедност се грижат припадници на Силите за специјални операции на Русија, кои што ја гарантираат нашата безбедност. Новинарите се движат во специјален автобус со ознаки дека се работи за автобус со новинари, и секогаш се движиме во конвој, во кој што покрај автобусот со новинари, има воени возила кои што ја гарантираат нашата безбедност.

   Дали имавте можност да се најдете во зони на воени дејства, и имаше ли закани за вашата безбедност?

Искрено не бевме во зони каде што се водат воени дејства, но бевме во населени места кои што се во близина или на линијата на фронтот. Во Доњецк, Горловка, Трехизбенка, и во Енергодар, линијата на фронтот се наоѓаше на 20 до 30 км.

 

Во Доњецк, Горловка и Трехизбенка, на моменти се слушаа артилериски канонади, и на небото на периоди летаа борбени хеликоптери и авиони. Во Мариупол, имавме можност од градското пристаниште со свои очи да набљудуваме како се одвива битката за мега фабриката Азовстал. Деновиве припадниците на нацистичкиот баталјон Азов како и на украинската армија се предадоа на Азовстал, но кога ние бевме во Мариупол, оваа мега фабрика, односно позициите на Азов и на украинската армија постојано беа цел на артилериски и авио напади на руската армија. Со свои очи и уши гледавме како над Азовстал се крева густ чад после артилериските и авио нападите. Можам да кажам дека цело време се чувствував безбеден, бидејќи на местата каде што бевме, секогаш имаше безбеден периметар, обезбеден од припадниците на Силите за специјални операции на Руската Федерација.

   Каква е реалната ситуација на терен, во населените места каде што сте биле? Каква е хуманитарната ситуација, дали градовите се силно разрушени?

Реалната ситуација се разликува и е различна од таа која што ја прикажуваат украинската, западната страна, но и руската страна. Ситуацијата на терен се разликува од населено место до населено место. Во сите градови и населени места каде што бев, веќе се создадени воено-цивилни власти, кои што веќе работат на враќањето на животот во нормала. Но предстои тежок и долг процес.

 

Во Доњецк, Луганск, Горловка, Славјаносербск се функционира нормално, како резултат на тоа што овие населени места уште во 2014 година се одделија од Украина, и ги создадоа Доњецката и Луганската Народна Република, кои што се до 23-ти февруари 2022 година не беа признати од никој во светот. Во овие две мали републики од 2014 година се воспоставени сите институции и органи на власта.

 

Посебно сложна и тешка е ситуацијата во Мариупол и во Волноваха, каде што се водени жестоки градски борби. Со свои очи видов дека во Мариупол и во Волноваха има сериозни разрушувања и оштетувања, и дека во овие градови немаше вода, гас и електрична енергија. Во Мариупол посебно, каде што според властите на Доњецката Народна Република, дури 60% од градот потребно е да биде повторно изграден. Првичните проценки беа дека 20% од објектите во градот се целосно уништени, и не се подлежни на реконструкција. Но и во Волноваха и во Мариупол повторно е воспоставено снабдувањето со вода и електрична енергија, и започната е реконструкцијата. Во иднина Мариупол ќе биде туристички град, а не град на тешката индустрија. Во Волноваха сериозни оштетувања имаше во центарот и во предградијата на градот. Но од страна на Русија е најавена сериозна реконструкција на целиот регион на Донбас.

Во градовите Бердјанск, Мелитопол и Енергодар не се водени борби, и нема никакви разрушувања или материјални штети. Украинската армија се повлекла, и руската армија без проблеми воспоставила контрола над овие градови. Во тие градови животот тече нормално, институциите и клучните објекти работат. Во Енергодар, се наоѓа најголемата нуклеарна централа во Европа, „Запорожје“ која што работи и произведува електрична енергија нормално, иако западните медиуми на почетокот на март објавија дека истата е гранатирана и оштетена од страна на руската армија, и дека има радиоактивно истекување. Но јас бев во нуклеарната централа „Запорожје“, и со свои очи се уверив дека истата работи нормално и дека нема никакви оштетувања. Колку и да звучи чудно, нуклеарната централа „Запорожје“ произведената електрична енергија и понатаму ја испорачува на територијата на Украина.

Како живее населението во тие градови и населени места?

Знаете, до пред 2014 година, односно почетокот на граѓанската војна во Украина, Донбас беше најбогатиот регион во Украина, регион донор за остатокот од Украина. Но осум годишната граѓанска војна си го зела својот данок. И Донбас, како и Украина после 2014 година, економски стагнирал, а населението живеело се победно и победно. Во градовите кои што уште во 2014 година се одделиле од Украина, населението живее скромно. Регионот на Донбас, уште од 2014 година е делумно зависен од Русија, пред се од економската, хуманитарната, енергетската и воената помош од страна на Русија.

 

Во Волноваха и Мариупол хуманитарната ситуација е тешка. Страдањата на жителите на Мариупол кои се на работ на преживување, солзите на оние кои ги изгубиле своите најблиски, разрушените домови, куќи, соништа – е тоа со што се среќавате секоја минута во Мариупол. Боли кога го гледаш сето тоа, тешко е да го сфатиш, но за жал времето не може да се врати назад. А од 500 000 жители пред почетокот на битката за Мариупол, во градот се останати околу 250 000. Околу 5 000 цивили загинале за време на битката за Мариупол. Како резултат на градските борби, населението се криело во скривниците. Голем дел од нив беа во валкана и искината облека, бидејќи останале без своите домови. Но и покрај се, голем дел од нив изјавуваат дека ќе останат во своите градови, и ќе работат на враќањето на животот во нормала. Населението во Волноваха и Мариупол пред се опстојува како резултат на хуманитарната помош од страна на Русија. Но и во Волноваха и во Мариупол, веќе започнале да функционираат градските власти и институции, и започнат е процесот на враќање на економската и трговската активност во градовите.

   Според вас, каква е иднината на овие региони, дали ќе бидат независни квази држави, дали истите ќе се спојат со Русија, или истите ќе се вратат во составот на Украина?

Во моментов било што да се прогнозира е тешко. Интересно е дека во последните 10 дена, не само регионот Донбас, туку и регионите Запорожје и Херсон, се посетени од високи официјални руски претставници. Судејќи според нивните изјави, Русија е тврдо решена овие региони да ги вклучи во составот на Русија. Високите руски претставници, и во Херсон, и во Запорожје, и во Донбас изјавија дека ќе бидат организирани референдуми за приклучување на овие области кон Русија. Исто, тие изјавија дека се издвоени големи суми од рускиот буџет за реновирање на патиштата и клучната инфраструктура во овие региони по руски стандарди, и дека е започнат процесот на замена на украинската гривна со руска рубља, и процесот на економска интеграција на овие региони во руската економија. Но колку од ова е реално, и колку ќе се исполни, мислам дека одговорот на тоа прашање ќе го даде исходот на битката за Донбас, кој што ќе го реши исходот на конфликтот во Украина.

      Како очекувате да заврши оваа војна и дали можеби ќе бидеме сведоци на продолжен конфликт во Европа?

 

Неблагодарно е да се прогнозира исходот на било која војна. Сите војни добиваат свој посебен тек, кој што е различен од тој кој што бил планиран од двете страни. Исходот на битката за Донбас најверојатно ќе доведе до ситуација да двете страни ќе бидат приморани да седнат на преговарачка маса и да склучат мировен договор. Иако потешко и побавно од очекувањето, руската армија со помош на доњецката и луганската армија напредува на Донбас. Основните единици на украинската армија и на нацистичките баталјони практично се десетковани, и 60% од нив уништени. Постои можност после ослободувањето на регионот Донбас, Русија да објави некој вид на крај на војната, односно на „специјалната воена операција“. Но не е исклучено и преминување на војната во сириско сценарио, што би имало ужасни последици за Европа и за целиот свет.

 

Дарко Тодоровски

Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

 

Related posts

Leave a Comment