По неколку минутно задоцнување, специјалната обвинителка Катица Јанева се симна од службениот автомобил, упатувајќи се на распит во просториите на Обвинителството за организиран криминал, во зградата на скопска Апелација. На половина пат до влезот, застана пред бројните новинарски екипи да даде изјава, осврнувајќи се на работата на нејзините колеги, но и на поканата да даде исказ кај Вилма Русковска за истрагата „Рекет“.
„Моите колеги имаат целосно овластување да ги застапуваат предметите пред суд се надевам дека ќе имаме повеќе разрешници оваа есен. Што се однесува до мојата изјава денеска се надевам дека со моите аргументи и изјава ќе ја забрзам истрагата. Благодарам“, рече Јанева.
Јанева не остави простор за дополнителни прашања и се упати кон влезната врата, каде ја чекаше адвокатот и поранешен републички јавен обвинител Стеван Павлески, кој е застапник на Цветан Панделевски, осомничен во случајот „Империја“. За дел од адвокатската фела, изборот на Павлески претставува конфликт на интереси, бидејќи е бранител на еден од обвинетите во предмет кој го води Специјалното обвинителство. Од друга страна, правниците сметаат дека е надвор од досегашната пракса е лице повикано на распит да се појавува со адвокат, освен ако не се чувствува како жртва или оштетено лице во случајот.
По речиси 4 и пол часовен распит, заврши исказот на Јанева. На излегување повторно застана пред новинарите и рече дека е повикана како сведок и не е забрането да се појави на распит со адвокат. На голем дел од прашањата одговараше отсечно – дека не чувствува вина, не знае каде во моментот е бизнисменот Орце Камчев и дека со тек на време ќе се објасни зошто е предложено спогодбени решение за враќање на парите во случаите „Империја“ и „Поштенска банка“. За нејзиниот глас во аудио снимките каде на интерфон му вели на Камчев дека „се ќе биде добро“, Јанева побара трпение.
„Мора да бидете трпеливи за тоа. Не смеам да го кажам тоа бидејќи ова е истрага и треба да знаете и тоа е општо познато дека во истрага не се споделуваат информации. Се надевам дека ќе има судење каде ќе бидете присутни. – Дали очекувате да се прошири истрагата и на вас? – Не знам што да кажам, тоа треба да ја прашате обвинителката“, рече Јанева.
Инволвираноста на специјалната обвинителката Катица Јанева во случајот Рекет се покажа преку објавените телефонски разговори во италијанскиот весник Ла верита. Досега во обвинителството за организиран криминал за случајот сведочеа и нејзините колеги Лиле Стефанова, Елизабета Јосифовска и Бурим Рустеми.