Колумни

ЗАПОЧНА ПРОЦЕСОТ НА ОТЦРПНУВАЊЕ И ДЕИНСТАЛИРАЊЕ – Соња Манџук

 

Нешто повеќе од една година , откако камшикарот Могерини се обрати од Собранието, удри со камшикот и означи старт на трката со зборовите: ‘треба да трчате, многу да трчате и уште повеќе да трчате , заедно со своите соседи, да трчате на патот кон ЕУ.‘ И кога се затрчаа, малеее, во трк национална распродажба прогласија, се` за џабе шитнаа. И име и идентитет и историја и културно наследство, а успеаа да истрчаат и за полигон на НАТО , за џабе. За тоа и беше црпнат, затоа и беа инсталирани. Мулиња и Кљусиња.
И, еве ги уште трчаат. ‘Ме знаете мене, јас сум Зоки, оптимистОт‘, си кажа во една прилика и ете го со нова доза на оптимизам си трча за во октомври и си блеска. Како што си блескаше како дворска будала пред своите ментори и нивните гости, се однесуваше како селски доставувач на чушки и френки. Им испорачал и си чекаше бакшиш- да го наградат со датум. Ни кажа, окезен и ококорен , блескав извештај добиле, добиле признание ‘за нашите успеси‘. Нивните успеси- во втората реченица од оваа колумна.‘Позитивна и успешна приказна‘. Седум членки против, седум воздржани. Меѓу нив и добриот им пријател и сосед- Грција. А, другиот во ликот на Борисов се мајтапи-требало да созрееме за датум. Кога имаш добар сосед и пријател кој те смета за тиква зелена и несвесно го користиш терминот- созревање. Да им го дадеме Гоце за Бугарин, за да не ни стават сопка пред вратата на Унијата. Тоа ти е пријател што добро ти мисли- да не се зачукаме со главата во катанецот на истата. Премногу оптимистично е да се помисли дека Заев ќе запре со трчањето, иако трката е одложена, ставена на друга, балканска патека. Заедно со соседот Албанија да си трчаат. Едно е сигурно- за Тиранската Платформа си истрчаа до целта. ( Иако, ви текнува, таа беше само во главата на Грујо и на вмровците кои го бранат криминалот. Ги имав на фб и тие шареници /и/ во умот.Таа хистерија не се заборава.)
И, ќе си трча. Му останува уште кругче-две ‘до над рамковниот и секое село кантон‘, како што милозвучно глаголеше пред албанската дијаспора во Швајцарија. Ќе си трча, што да прави, има тој и други камшикари. Мора да истрча на мала врата ,да протне голем проект. Впрочем, само за тоа и истрча успешно. Веќе се шпекулира дека блед како крпа, небаре дехидриран од многу трчање или камшикуван, потпишал за редифинирање на државата, за прекројување на границите. Додека трчал помеѓу двата круга на претседателските избори, си истрчал и за Пописот. До над процентот, ќе иде.
Шпекулација или не, Ханс Ван Ден Берг, оној што се смета за експерт за Балканот и за албанското прашање посебно, уште пред неколку месеци не извести дека кантонизација или федерализација се дел од финалниот план на посредникот при Пржинскиот договор. Оној со мачките. Интересно е што во неговата експертиза се наведува дека ‘кантонизација или федерализација може навистина да биде следен чекор‘ и дека тие поделби се случуваат паралелно со ‘отсуство на подобар живот, отсуство на владеење на правото, корупција и непотизам.‘ Сето она што е забелешка и во ‘блескавиот извештај‘ на Унијата. Или како што кажа Петр Бистрон- голем проблем со корупцијата и ‘Балканот е само преградие на Европа.‘ Тоа и ќе си остане. Еу е завршена приказна. Таква како што ја знаеме, историја е. За нас Македонците таа приказна е годин/и/а на чемер и понижување. А, после такво фијаско и на меѓународна сцена, треба да следи оставка, некако европски е а и тие некако нели, европски насочени се. Да беа Јапонци, да си го искористам статусот на фб, па да си направеа сепуку, харикири што и да е, но Балканци се, уште и ‘црпнати‘, инсталирани, па ќе си прават реконструкција. И ќе си блескаат. Штотуку ја прочитав веста дека Заев ќе си блесне и како министер за финансии. Првата рекација, при овакви небулози, ми е секогаш како одбрамбен механизам- ја вртам на мајтапење. Како и повеќето од вас. Стигнав да го прочитам статусот на Горан Г. @и гасиНет направив : ‘Пред да легнете во својот кревет и пред да влезете дома во тоалет, проверете да не има некој. Можеби З ве заменил и таму.‘ Како и со датумот, пуздер праење му следува и на фб и на твитер. Разбирливо- крајно несериозно е сериозно да третираш шалбајзер Да не беше дебелокожец, да осетеше но…ќе продолжи неподносливо да си блеска. Додека не го изгаснат.
Конечно стигнав до насловот. Го растегнав текстов како македонски аспирации за евроатлантски интеграции.
Оваа инсталација влада као, си блеска и си пуцкета по шавови. Прашање на време е кога ќе си прегори, кога ќе ја отцрпнат и деинсталираат. А тој, процес е веќе започнат. Впрочем и рокот на употреба им измина- го направија она поради што ги направија. Сега им даваат уште малку време, да се покажат за НАТО. Затоа што не е доволно име да смениш, идентитет за полигон да дадеш за да станеш полигон –држава. Всушност така само полигон- држава стануваш, а не полноправна членка. Можеби ќе те поместат, од пред врата, за да не му студи на Димитров, во претсобјето, на чергичето за чевли. За полноправна членка ( иако те прелетал суперсоничен бомбардер ‘ во знак на поздрав до својата нова земја‘ , хумус,што би рекол мојот пријател З. Хајли, а како што оцерена, пошто и она си блеска, ни кажа Шеќеринска) треба да ги исполниш истите услови како и за Унијата. Да ја сузбиеш корупцијата, непотизмот и да покажеш сериозни реформи во правосудството. Од НАТО, по тоа прашање беа многу конкретни- СЈО да стане вистински независно. Хах! Само шарените куртони не знаат што тоа значи. СЈО беше направено за да биде политички зависно и селективно и да урива ‘режим‘. За СЈО да биде вистински независно треба да почне од Заев, неговите функционери и тие на коалициониот им партнер. А,нему веќе денес му подготваат протести поради бомбите на Ел Чека.
Процесот на отцрпнување и деинсталирање е започнат, од дома и од надвор. Со бомби.. Како те црпнале на ист начин ќе те отцрпнуваат. Универзално правило или оние што не оставаат сведоци доаѓаат да си ја соберат вересијата, сеедно. А, можеби има и друг играч? Прерано е и да се шпекулира. Едно е сигурно – жешко лето му претстои и на СЈО, треба да влече потези а недозреано е за таков предизвик. Време, а ниту капацитет да созрева, нема. Ќе го отцрпнат и деинсталираат, као дел од истиот процес.

Соња Манџук

Loading...

Related posts

Leave a Comment