САД и нивните сојузници префрлија околу 16.000 биолошки примероци надвор од украинската територија како дел од воено-биолошките активности, соопшти денеска шефот на руските сили за нуклеарна, хемиска и биолошка заштита Игор Кирилов.
– Финансирањето на воената биолошка операција им овозможи на САД и нивните сојузници да пренесат најмалку 16.000 биолошки примероци надвор од украинската територија. Ваков голем скрининг на природниот имунитет на населението веројатно е направен за да се пронајдат биолошки агенси кои се најопасни за населението од одреден регион, посочи Кирилов.
Според Кирилов, во рамките на проектот УП-8, од 4.000 војници во Лавов, Харков, Одеса и Киев биле земени тестови на крв за антитела на хантавируси, додека уште 400 биле тестирани за вирусот на кримско-конгонската треска.
Воениот претставник истакна дека преместувањето не вклучувало само примероци од ткиво и крвен серум, туку и опасни патогени и нивни носители, пренесе ТАСС.
– На пример, над 10.000 примероци беа преместени во истражувачкиот центар Лугар во Грузија. Други примачи се референтни лаборатории во Обединетот Кралство, како и Институтот Лефлер во Германија. Сето ова создава ризици за пренесување чувствителни генетски информации во странство, како и закана за биолошката безбедност не само за Украина, туку и за оние региони во кои се преместени овие примероци, рече Кирилов.
Во меѓувреме, рече Кирилов, еден од приоритетите на САД е истражувањето на патогенот на антракс, кој се карактеризира со висока заразност и отпорност на животната средина.