Здравје

Лекот против киселина во желудникот помага во лекување на коронавирусот?

ЊУЈОРК – Пациентите кои земале лек за киселина во желудникот, кога биле хоспитализирани поради инфекција со коронавирус, имале двојно поголема шанса да преживеат, покажала една, сè уште необјавена студија во САД.

Не е јасно дали станува збор за случајност или дали пациентите реагирале подобро на инфекцијата поради фамотидин, главната состојка во лекот против киселини во желудникот, пренесува CNN.

Од 1.536 пациенти запишани во студијата, кои не земале анти-киселински лекови, 332, или 22 проценти, починале, биле интубирани или биле сместени на респиратор. Од 84 пациенти кои користеле фамотидин, осум (10 проценти) починале или биле сместени на респиратор.

„Во споредба со другите пациенти, оние кои земале фамотидин имале повеќе од двојно намален ризик од смртен исход или интубација“,  се вели во изјавата на авторите на студијата спроведена во Медицинскиот центар Колумбија.

Научниците сè уште немаат објаснување зошто пациентите кои земале фамотидин реагирале подобро на вирусната инфекција, па затоа потенцирале дека резултатите од студијата треба да бидат интерпретирани со претпазливост до понатамошно известување, бидејќи може да станува збор за случајност.

„Ние не знаеме дали овој лек навистина помага, но доколку е така, лесно ќе се користи во големи размери, бидејќи тоа е општ лек, ефтин и достапен“, рече д-р Кевин Трејси, еден од научниците кои работат на студијата.

Во тек е клиничко испитување за да се утврди дали фамотидинот навистина може да ги спаси животите на пациентите заболени од коронавирус.

Related posts

Leave a Comment