Свет

Либанскиот премиер бара поддршка од Русија за избегнување на тензиите со Израел

 

Премиерот на Либан, Саад Харири, побара од рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров  поддршка на Москва со цел да се избегнат засилените тензии меѓу Либан и Израел, информираше во вторникот руското Министерство за надворешни работи.

„Поради инцидентот со израелските беспилотни летала на небото над Бејрут на 25 август, Харири се обрати до Русија со барањето да ги искористи своите овластувања и влијание за да се избегне натамошно ескалирање на тензиите меѓу Израел и Либан, што претставува закана за регионалната безбедност“,соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Руската страна ја потврди својата заложба за зачувување на суверенитетот, независноста, територијалниот интегритет и стабилноста, нагласувајќи дека сите страни треба да се придржуваат кон меѓународното право и Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ООН. „Ова е принципиелен пристап на Москва во Советот за безбедност и во односите со земјите од регионот“, изјави руското Министерство за надворешни работи.

Претходно, вооружените сили на Либан информираа дека две израелски беспилотни летала влегле во воздушниот простор на Либан во раните утрински часови во неделата. Едно од беспилотните летала се урна без да предизвика оштетување, додека другото експлодираше во воздухот во областа на јужното предградие на Бејрут во Моавад.

Related posts

Leave a Comment

error: Content is protected !!