Колумни

ЛИДИЈА ЃОРЃЕВИЌ : ЗАЛЕЗ НА ПАНИКАТА, РАДОСТ! ДОБРО НИ ДОЈДЕ!

Некој да ми кажеше дека ќе дојде ден кога ќе фрлам ѓубре за време на полициски час и ќе се чувствувам како херој ќе помислев дека се поместил од умот!

Но ете дојде тоа време. Но такви се околностите и што да се прави! Па како што? Ајде дигнете се со духот! Да се зборува за убавината, за божественото, за чудата кои не ги приметуваме! Да се радуваме на тоа дека најубавите работи се бесплатни! Еве на пример денес: Поубав залез на Сонцето во Скопје не сум видела!

Или… можеби ги побркав термините? Повеќе на ниту еден залез во Скопје не сум се воодушевила! Пак измешав. Подолго ниту еден залез во Скопје не сум го набљудувала. Или, помирен не сум видела. Или потих. Не знам.Аах, не знам што да речам. Како да се опише радоста на живеењето!?? Гледам директно во Сонцето. Спокојно се спушта. Ја чувствувам истата радост како кога го гледав како заоѓа во Пештани. На плажата кај Десарет.

Често “го наградувавме” со аплауз заради перформансот кој ни го подаруваше. Онака, бесплатно, а бесценет е! Каков раскош од бои! Господи, почист воздухот никогаш не бил! Водно е јасно, зелено, бујно, дреме како задоволен стамен маж после обилен ручек. Ги гледам малите, бели компактни облачиња.И повторно си играм како во детството: Ова ми личи на мече, ова е маченце,… Уличките се толку тивки што да не ги слушав птиците, можам да се заколнам дека ќе бев сведок на Шумановата резонанца!

А сепак сум во Скопје! Хах! Прв пат да не мислам на ништо и да бидам присутна во сегашноста. Обично моето бурно море во главата е вечно загрижено или од минатото, или за иднината или како ли сегашноста ќе влијае на иднината, или жалам што нема да ја поправам грешката од минатото или….и галама! Галама во мојата глава дури и кога е навидум тивко.Дури и кога се смеам, дури и кога разговарам со некого…Секогаш мојата галама некаде ме брза. Оваа тишина која денес ми се случи ми се случува само таму, во Пештани.Овде не.Но ете се случи и тоа. Одам по празната улица, здрава сум, дури и подрипнувам, не ме боли ништо, не мислам на ништо, освен што ја гледам восхитувачката сцена на залезот.

Кој луксуз!!! Ех, колку ли такви денови сум имала, но галамата во мојата глава ги ” прокоцка”! Ми текна колку бев шокирана, веројатно после денешниов благосоловен од Бога ден би била уште повеќе, кога на информацијата дека една баба доживеала 120 години, а при тоа не мрднала од своето мало село, една возрасна нашетана госпоѓа констатираше дека “џабе и бил долгиот живот”!?!?!?! Ех, драга госпоѓо, џабе ви е Вам шетањето.Сепак не сте виделе подалеку од носот. Оној кој ќе се спријатели со самотијата и тишината наскоро го добива и мирот. И сега што? Сега ќе се заблагодарам на Бога, а утре рано, рано здравје Господи, ќе ги отворам ширум прозорите и ќе ја поканам пролетта да влезе на гости! Ќе заборавам на с’е и нема да бидам загрижена, туку ќе гледам од она што го имам да направам нешто! И ќе го”правам” она кое италијаните го имаат како изрека “ДОЛЧЕ ФАР ЊЕНТЕ!”

Лидија Ѓорѓевиќ

Loading...

Related posts

Leave a Comment