Претседателот на Франција Емануел Макрон се огласи по руското признавање на Доњецк и Луганск и рече дека Русија со овој чин ги прекршила своите обврски.
Во краткото обраќање Макрон рече дека ја осудува одлуката на Владимир Путин да потпише одлука за признавање на Луганск и Доњецк.
„Со признавањето на сепаратистичките региони во источна Украина, Русија ги прекршува своите обврски и го поткопува суверенитетот на Украина. Ја осудувам оваа одлука“, рече Макрон.
Тој нагласи дека Европа мора да реагира во наредниот период.
„Повикав на итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации. Исто така повикувам на европски санкции против Руската Федерација“, додаде Макрон.