Свет

НЕМА РАЗМЕНА НА ЗАТВОРЕНИЦИ ЗА МЕДВЕДЧУК: Песков ја одби понудата на Зеленски

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков, денеска коментирајќи го предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, украинскиот политичар Виктор Медведчук да биде разменет за украински заробеници, изјави дека тој е украински државјанин и странски политичар.

Песков посочи дека прорускиот политичар кој вчера беше уапсен во Украина немал никакви канали за комуникација со руското раководство, пренесува Ројтерс.

Тој додаде дека Кремљ ќе ја следи судбината на украинскиот политичар Виктор Медведчук и ги повика европските политичари да го сторат истото.

– Оние кои толку многу се грижат за слободата на говор зборуваат за неможноста да се прогонуваат луѓето од политички причини. Ова е иста ситуација и тука е пристојно да се очекува дека ќе ги спречат претставниците на режимот во Киев да не прогонуваат некого поради своите политички ставови, им изјави Песков на новинарите, пренесува РИА Новости.

Шефот на Службата за безбедност на Украина, Иван Баканов (СБУ) синоќа потврди дека е уапсен пратеникот и шеф на политичкиот совет на партијата Опозициска платформа – За живот, Виктор Медведчук.

Медведчук е во домашен притвор од мај 2021 година, од каде, како што соопшти Министерството за внатрешни работи на Украина, побегнал на 28 февруари, четири дена по рускиот напад на Украина и оттогаш се води како исчезнат.

Украинските власти го сомничат Медведчук за велепредавство и обиди за грабеж на националните ресурси на Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година.

Важи за сојузник на рускиот претседател Владимир Путин во Украина, кого го нарекува „личен пријател“, а медиумите наведуваат и дека Путин е кум на неговата најмлада ќерка.

 

Related posts

Leave a Comment

error: Content is protected !!