Политизацијата на потеклото на ковид 19 ќе ги попречи понатамошните истраги и ќе ги поткопа глобалните напори за борба против пандемијата, соопшти кинеската амбасада во Соединетите држави, откако американскиот претседател Џо Бајден побара детален преглед на разузнавачките информации за тоа каде првпат се појавил вирусот.
Кинеската амбасада во Вашингтон во изјавата на својата веб-страница во средата порача дека „некои политички сили се фокусирани на политичка манипулација и префрлање на вината“, пренесува Ројтерс.
Амбасадата соопшти дека поддржува сеопфатна глобална студија за сите рани случаи на ковид 19 и детална истрага на некои тајни бази и биолошки лаборатории ширум светот.
Кинескиот „Глобал тајмс“, кој е дел од медиумската групацијата на владејачката Комунистичка партија, доцна во средата објави дека во понатамошната истрага за теоријата за истекување на вирусот од лабораторија, САД исто така треба да им дозволат на инспекторите да влезат во нејзините установи, вклучително и во лабораторијата за истражување вируси на американската војска Форт Дитрик, лоцирана во Мериленд, на околу 75 километри од Вашингтон.
Вчера, претседателот Бајден побара од американските разузнавачки агенции „да ги удвојат своите напори“ во истрагата за потеклото на ковид 19 и да извршат притисок врз Кина да соработува .
Додека Светската здравствена организација (СЗО) се подготвува да ја започне втората фаза на студии за потеклото на ковид 19, Кина е под притисок да им обезбеди на истражителите поголем пристап во врска со наводите дека САРС-КоВ-2 протекол од лабораторијата специјализирана за истражување на вирусот корона во Вухан .
Кина повеќепати негираше дека лабораторијата е одговорна и рече дека Соединетите држави и другите земји се обидуваат да ги одвлечат од сопствениот неуспех во борбата против пандемијата.