Свет

Плик со отров од Канада испратен до Трамп во Белата куќа

Доналд, скитник, тажен

ВАШИНГТОН – Пликот упатен до Белата куќа содржел супстанца идентификувана како рицин, смртоносен отров, објавија денес повеќе американски медиуми, повикувајќи се на сојузен службеник.

Пликот, за кој се верува дека е испратен од Канада, бил пресретнат во владиниот поштенски центар, пред да пристигне во Белата куќа, објавија Њујорк Тајмс, Си-Ен-Ен и Волстрит журнал.

Си-Ен-Ен наведува дека пликот бил пресретнат од полицијата претходно оваа недела.

Коментирајќи ги наводите, ФБИ соопшти дека тие и „Американската тајна служба и партнери на американската служба за поштенска инспекција испитуваат сомнително писмо добиено во американската владина пошта. Во моментов нема позната закана по јавната безбедност“, пренесува Ројтерс.

Белата куќа и американската тајна служба одбија да коментираат.

Рицин природно се наоѓа во рицинусот, но со посебен процес се претвора во биолошко оружје. Рицин може да предизвика смрт во рок од 36 до 72 часа по изложување од количина поголема од врв на игличка. Не е познат противотров.

Во минатото биле пријавени бројни инциденти со пликоа со рицин испратени до американските власти.

Човек од Јута познат како Вилијам Клајд Ален III, во 2018 година беше обвинет за испраќање пратки со рицинусово масло, вклучувајќи пратка упатена до Трамп и други сојузни функционери, како што е директорот на ФБИ Кристофер Вреј. Ален е во притвор.

Две лица беа осудени во два наврати за испраќање писма со рицин до тогашниот претседател Барак Обама.

Во мај 2014 година, еден човек од Мисисипи, Џејмс Еверет Даке, беше осуден на 25 години затвор откако се изјасни за виновен за испраќање писма со смртоносна материја до Обама, како и до американски сенатор и државен судија.

Во јули 2014 година, актерот од Тексас беше осуден на 18 години затвор за испраќање писма со рицин до Обама и поранешниот градоначалник на Њујорк Мајкл Блумберг.

Related posts

Leave a Comment