МИНХЕН – Американскиот државен секретар Мајк Помпео ја истакна глобалната улога на САД денес и ги критикуваше Кина и Русија со пораката дека ќе преовладаат западните идеали и вредности.
Помпео во изјавата на конференцијата за безбедност во Минхен рече дека е среќен што наводите за „смрт“ на Трансатлантската алијанса се крајно претерани.
„Западот победува и ние заедно победуваме“, рече тој, одговарајќи на вчерашната индиректна критика на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер дека САД ја отфрлаат идејата на меѓународната заедница.
„Но, земјите што не го почитуваат суверенитетот, сè уште ни се закануваат , повеќе од 30 години по падот на Берлинскиот ѕид“, рече тој.
Помпео рече дека Русија, Иран и Кина го дестабилизираат меѓународниот систем и се обидуваат да го прошират своето влијание преку сајбер-активности.
„Хуавеи и другите кинески технолошки компании се тројански коњ на кинеските разузнавачки служби, руските кампањи за дезинформации се обидуваат да ги свртат нашите граѓани едни против други, а иранските сајбер напади им штетат на компјутерските мрежи на Блискиот исток“, рече Помпео.