Колумни

После големата измама наречена „Рушење режим за подобро утре“ од сегашната нелегална власт, многу бргу ја запознавме и втората страна на предавничката медалја – Климе Новески

 

Пред повеќе од 2300 години Македонија беше центар на светот, зафаќајќи огромна територија од Балканот па до Индија. Еве ја сега Македонија, после толку години во целосно спротивна реалност: малечка,распарчена и внатрешно поделена балканска држава со иднина која многумина се плашат да ја предвидуваат.
Всушност, времето е релативна категорија, и од аспект на вечноста таа временска дистанца од толку години и не е толку значајна. Она што е значајно се збиднувањата во самите моменти на безвременоста кои го означуваат нашето битисување. Во случајов, тоа е можеби финалната фаза на македонската катарза.
После големата измама наречена „Рушење режим за подобро утре“ од сегашната нелегална власт, многу бргу ја запознавме и втората страна на предавничката медалја: „конструктивната“ квазиопозиција без чија помош овие насилно насадени марионети во улога на власт од страна на странскиот фактор, немаше ни три месеци да издржат таму кај што сега сеуште седат. Всушност, веднаш после 100-те дена кои им се оставаат како нова власт, ќе се соочеа со фуриозна офанзива за спас на Македонија од страна на здружена опозиција поткрепена од народот. Она што требаше фазно да се спроведе, за да се заштитиме од деструкцијата на марионетската нелегална власт, го знаеме сите горе-долу, почнувајќи од ветувањето за напуштање на парламентот додека не се ослободат уставобранителите од страна на Мицкоски, па се до неуслишаните молби упатени кон него за напуштање на истиот (парламентот) по референдумот на 30.09.2019. година.
Финалната фаза на катарзата ја означија претседателските избори, на кои квазиопозицијата изигра главна улога во обезбедувањето на цензусот за избор на претседателскиот кандидат предложен од коалицијата на СДС. И покрај сите навремени анализи, наговестувања, предвидувања и предупредувања во врска со организирање на изборен инжињеринг од страна на самопрогласената власт, Мицкоски уште еднаш остана глув,слеп и анемичен кон сопствениот народ и ги поведе своите верни членови во изборен масакр, за на крајот на изборниот ден и самиот да рече дека се случил тежок изборен фалсификат, но дека сепак го признава поразот (?!?!) .
После овој момент, и така поделениот македонски народот претрпе уште една фаза на поделба во која оние што гласаа и обезбедија цензус воедно, ги нападнаа бојкотирачите кои неуморно се вложија себе си да предупредат навремено за тоа што ќе се случи.
Од тука понатаму, драги пријатели, влегуваме во фазата на целосно будење на големото македонско срце од страна на најтврдокорните, пред истото повторно силно да зачука над сопствената татковина и да го означи Македонското Воскресение, на кое се чекаше многу години исполнети со борба, маки и страдања. Затоа во овој момент е неопходно да се зауздаат емоциите а умот и разумот да бидат постојано будни.
Душманите на Македонскиот род, во својата желба да го уништат Македонското име, посегнаа по уништување на Македонскиот дух. Таа желба е всушност и патот до нивниот пораз, кој сами го одбраа.
Вечен е Бог, вечна е и Македонија.

Климе Новески

Related posts

Leave a Comment