Свет

ПО 18 години: Американците се повлекуваат од Авганистан!

Американската армија соопшти дека започнала со повлекување од Авганистан според мировниот договор потпишан со Талибанците.

Таа треба да го намали бројот на војниците на 8.600 во рок од 135 дена .

Стотици војници се повлекуваат од земјата, како што беше претходно планирано, но тие нема да бидат заменети, бидејќи Соединетите држави започнуваат со спроведување на плановите за намалување на силите во Авганистан од сегашните 13.000 на 8.600.

Американските сили во Авганистан ги задржуваат сите потребни воени ресурси за операции против екстремистите на Ал-Каеда и групата Исламска држава за поддршка на авганистанските сили, се вели во соопштението на портпаролот на американската армија, полковник Сони Легет. 

Нивното повлекување доаѓа во време на политички хаос во Кабул, кој се заканува дека ќе го прекрши договорот САД-Талибани .

Двајцата ривалски лидери во Авганистан денес одржаа посебни церемонии за полагање заклетва за претседател на земјата, создавајќи компликација за САД кои се обидуваат да напредуваат со договорот за да се стави крај на 18-годишната војна .

Зголемената расправија меѓу претседателот Ашраф Гани, кој беше прогласен за победник на изборите во септември и неговиот ривал Абдула Абдула , кој го обвинува за изборна измама, се заканува дека ќе ги наруши следните клучни чекори, па дури може да ескалира во ново насилство.

САД не го поврзаа повлекувањето со политичката стабилност во Авганистан или со конкретен исход на мировните преговори меѓу Авганистанците.

Наместо тоа, повлекувањето зависи од тоа дали Талибанците ќе го исполнат ветувањето за спречување на која било група или индивидуа, вклучително и Ал-Каеда, да ја користат територијата на Авганистан за да ја загрозат безбедноста на САД и нивните сојузници, пренесува АП.

Според мировниот договор, повлекувањето на американските трупи требаше да започне 10 дена по потпишувањето на договорот на 29-ти февруари. Американскиот министер за одбрана Марк Еспер  на 2 март изјави дека веќе го одобрил почетокот на повлекувањето, што подоцна ќе биде координирано од воените команданти во Авганистан.

Војниците кои што се повлекуваат ионака требаше да заминат, но нивната замена нема да биде испратена.

Еспер рече дека американскиот командант во  Кабул, генералот Скот Милер ќе го паузира повлекувањето и ќе ги процени условите кога бројот на трупите ќе се спушти на 8.600.

Долгорочниот план е САД да ги повлечат сите сили во рок од 14 месеци ако се исполнети безбедносните услови .

Договорот со Талибанците беше потпишан по седумдневниот период на намалување на насилството. Периодот беше наменет за тестирање на сериозноста на врската на Талибанците со мировниот договор.

Related posts

Leave a Comment