Низ Франција продолжија штрајковите и протестите во врска со пензиската политика на претседателот Емануел Макрон.Камионџите ги блокираа автопатите а повеќето возови не ги напуштија станиците. Полицијата во Париз се судри со учесниците во движењето „Жолти елеци“ кои се приклучија на бранот протести.
Учесниците на движењето „Жолти елеци“ го одржуваа својот редовен протест против „економската неправда“ во Париз и во другите градови, но и за реформа на пензискиот систем, за кој сметаат дека е на штета на вработените.
Протестите, на кои се собраа илјадници демонстранти, главно се одвиваа мирно, но некои учесници ја гаѓаа полицијата со разни предмети и ги туркаа припадниците на полициските сили, на кое што таа одговори во неколку наврати испукувајќи солзавец во повеќе нмаврати.
Учесниците на протестот на „Жолтите елеци“ маршираа од зградата на Министерството за финансии на реката Сена кон југоисточниот дел на Париз.
АП проценува дека демонстрантите биле охрабрени од најголемите протести во земјата во последните години, кои започнаа пред два дена против владиниот план за реформа на пензискиот систем .
Туристите и купувачите, денес, на третиот ден од протестот, беа соочени со затворени линии на метрото околу Париз и скоро празни железнички станици. На протестите им се приклучуваат и други групи.
Камионџиите, кои протестираат против зголемувањето на данокот за горивата, го нарушија патниот сообраќај од Прованса на југоисток до Нормандија на северозапад.
Меѓутоа, хаосот што настана не ја потресе владата. Премиерот Едуар Филип отворено им рече на Французите: „ќе мора да работите подолго“. Тој ќе претстави детали за планот следната недела.
Владата соопшти дека нема да ја подигне официјалната возраст за пензија од 62 години, но се очекува планот да ги охрабри луѓето да работат подолго.
Синдикатите го сметаат планот како закана за правата на работниците и планираат нови протести низ целата земја.