ФБ Статуси

Протоереј Миле Талески: РПЦ не призна вистински за разлика од ,,каноничноста” на браќата од Бигорски!

Можно е да е слика од 1 лице

Пред се’, Ти благодарам, Тебе, Господи, за Твоите дарови со кои постојано не’ даруваш, и за Твојата неискажлива љубов со којашто постојано не’ опсипуваш, и којашто, и во овие денови, обилно ја излеа врз Твојот Македонски народ, кој, патем, (дел од него) не ти возвраќа со иста таква, или барем малку, љубов кон Тебе, а потоа, упатувам благодарност и на свештениот и свет Синод на Руската Православна Црква, за прифаќањето и признавањето на афтокефалноста на нашата света Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА).
Упатувам искрени честитки и до Претстојателот и свештениот и свет Синод на МПЦ-ОА по повод радосната одлука на РПЦ.
Во овој ден, не сакам да спорам ниту со браќата од нашето Македонско светилиште, Бигорскиот манастир, поради искривените и обманувачки вести кои пак ги поставија на страницата на манастирот; а, поради нивното постојано нагласување на некакво признавање (примање, прифаќање) на „каноничност“ на „нашата Црква“. Би сакал само да ги потсетам дека е тоа само налик на магла во ветар, зашто, од денот кога МПЦ со своите архиереи и верниот народ ја обнови најдревната ни Охридска Архиепископија во лицето на МПЦ, ама никој, буквално никој не ѝ ја оспори нејзината каноничност. Да, ја нарекуваа „расколничка“, но никогаш не ја нарекоа неканонска, така што, ве молам, престанете да сеете магла. Не постои такво нешто како признавање на каноничност. Таа (каноничноста) е наследна, и се прима со пренесување на апостолското преемство, а МПЦ-ОА нема недостаток на апостолко преемство.
Црквата на Фанар, и другите Помесни Цркви на кои им пречи се’ Македонско, со нивното писулче, само потврдија дека никогаш не сме биле неканонска Црква, и започнаа да сослужуваат со нас, така како што само ним им приличи, како што со векови правеле, како лицемери, употребувајќи ги сите можни понижувања кон нас, со што покажуваат дека немаат ниту вистинска љубов Христова, ниту пристојно човечко однесување.
МПЦ-ОА до сега, всушност, призната е и прифатена како афтокефална Помесна Црква на Македонскиот народ (настрана историскиот аспект за тоа дали така треба или не, а за тоа во друга прилика), само од Српската и Руската Православни Помесни Цркви. МПЦ-ОА во секој момент од возобнувањето бараше да биде прифатена и призната не како „канонична“ (канонска, законска), туку, како афтокефална Помесна Црква, а со тоа и како нераскинлив член (дел), од Едната Соборна и Апостолска Црква – Христовата Црква, на што, по многу години чекање, нешто што скоро сите Помесни Цркви го поминале како пат којшто требало да се изоди, одговорија СПЦ и РПЦ. Времето на чекање, пак, во никој случај не значеше, или, имаше некакво дејствие како ние да не сме биле дел од Христовата Црква. А ова го велам за оние кои имаат дилеми за тоа што сме биле ние како народ, како Црква, додека другите членови (Помесни Цркви) сметаа дека сме во раскол. Знајте дека, нивните сметки, нивните судови, никогаш не биле исти со Божјите судови. А пред Бог, секогаш сме биле, и остануваме дел од Неговата Една Света Соборна и Аостолска Црква.
Затоа, никој нека не налева отров во чашата на радоста којашто МПЦ-ОА со својот Македонски народ – живата Црква, залужено ја испива и во овој благословен од Господа ден.
Дај Боже, поскоро да се редат прифаќањето на афтокефалноста, и примањето на Твојата Помесна Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, Твојата жива Македонска Црква од страна и на другите Помесни Православни Цркви по примерот на Руската, а со тоа, да ја покажат на дело љубовта којашто Ти, Господи, си ни ја заповедал: „по тоа ќе ве познаат дека сте Мои ученици“.
П.С. Спомнувањето на зборот „афтокефална“ (афтокефалност) не е случајно.

Related posts

Leave a Comment