Колумни

ПРОФЕСОРОТ

Конечно требаше да стане емисар, а потоа речиси во исто време и „амбасадор“, во една гранична ни држава, (Бугарија) ама сега многу, многу далечна. Би требало барем да знаеме, кој му ги потпишал акредитивите, за да стигне таму каде што стигна?

Невидливи се патиштата политички, (во поговорката божји). Ама тие имаат свои богови. Тие им даруваат нов „воскрес“, па така „нашиов“ професор (Владо Бучковски) не знае кој е Ѓоргија Пулески, не знае кој е Крсте Петков Мисирков, не знае кој е Константин Миладинов и неговиот брат Димитрија, не знае кој е Кочо Рацин и т.н. А, богами не знае кој е и тој самиот. Сега е таму каде ќе разбере, она што ќе му кажат дека е, а и она што треба да биде, зашто еве, гледаме како и тие таму неуморно копаат по туѓи земји да си ги најдат корените, кои не се таму и талкаат сиромашките натаму-наваму.

Бевме веројатно младинци кога председателот на тогашна Југославија, Јосип Броз Тито создадена во далечната 1918 год. и испилена од Версајскиот договор, често во неговите говори ги предупредуваше жителите на Југословенските Републики дека: „Треба да се чуваме од надворешниот, ама и од внатрешниот непријател.“

Во никој случај „нашиов“ професор, не е надворешен непријател на нас македонците во Македонија, тој сам си избрал да биде внатрешен. Тоа е негов неприкосновен избор. Може да биде што сака. Сега му одговара ова, после може да му одговара нешто друго и така до бесконечност, за да може да се сокрие од народот, што некогаш го избра да застане на политички трон. Но се прашуваме зошто и нас не турка, (народов што ќе остане после пандемијата) во нова пандемија. Кои му се намерите. Сигурно знае дека не може да се врати, од каде што Заев го прати, па така најзгодно би било и двајцата, (а и уште неколкумина околу нив)
да си останат таму, за да им помогнат на „браќата“ во копањето на корените.

Професоров ги изучувал правата римски, светски, вавилонски, асирски, пингвински и така станал тоа што е. А што е? Врз него (еден ден, дај боже) ќе паднат книгите од македонската литература. „Пирејот“ на Петре М. Андреевски ќе му влезе во грлото. Тутуноберачите од Кочо Рацин, грутки ќе му легнат и ќе му натежнат, заедно со канабисот и маслото од неговиот „побратим“ во издајството муртинското шеретче, а и Ристо Крле и Војдан Чернодрински, па и Живко Чинго, ќе му се јават со кренат прст, а Анте Поповски ќе му ги покаже светлите ѕвезди на темното небо, што „зборуваат македонски“.

Тогаш „Кирилицата“ ќе ги истури буквите од азбуката врз неговата глава. Тие ќе го бодат со вековите, милениумите што ги поминале и преживеале и останале „кирилица“, а таму каде што е сега, мислат дека е „бугарица“.

Професорот е во занес, дојде моето време, верува во иднината на овој народ што тој сака да го внесе во неговиот терк. Има една шега што оние бугари што знаат кои се и што се, ја кажуваат за Тодор Живков. Кога бил кај Сталин, му земале мерка за да му сошијат палто. Тогаш Сталин им рекол на шивачите, овде само едно метро штоф ќе треба, тој е стално на колена.

А нашата историја, каде е. Немоќна е. Зашто таа веќе не е во надлежност на Министерството за образование, префрлена е во Министерството за трговија, топтан сосе народот, сосе земјата Македонија.

Loading...

Related posts

Leave a Comment