Свет

Путин го укинува карантинот иако бројот на заразени расте

Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот изјави дека карантинот низ целата земја воведен заради коронавирусот ќе биде укинат од вторник, и покрај зголемениот број на заразени.

„Почнувајќи од утре, 12 мај, националниот период на неработни денови заврши. Но, битката против оваа епидемија сè уште не е завршена “, рече Путин во јавното обраќање објавено на државната телевизија.

Регионалните власти сами ќе решат дали да ги прошират мерките за карантин на локално ниво.

Главниот град Москва и околниот регион, каде се регистрирани повеќето од заразените, остануваат во карантин до крајот на овој месец.

Путин истакна дека брзиот раст на бројот на заразени е главно резултат на повисоката стапка на тестирање, пренесува Дејли Меил.

На почетокот на епидемијата, според него, Русија, спроведувала 2.500 тестови на ден, а сега спроведува 170.000. Планирано е двојно да се зголеми тој број до следниот месец.

Во Русија, според официјалните податоци објавени во понеделникот, заразени се нешто повеќе од 221.000 луѓе, што ја прави четврта во светот, веднаш по Велика Британија. Највеќе заразени има во САД и Шпанија.

Бројот на заразени во Русија нагло се зголеми во последните еден месец и половина. Во последната недела, секој ден се регистрираат над 10,000 новозаразени.

Досега починаа нешто повеќе од 2.000 луѓе.

Речиси половина од заразените се во Москва. Во понеделникот ги  имаше вкупно околу 115,000.

Градоначалникот Сергеј Собјанин минатата недела изјави дека вистинскиот број на заразени во градот е веројатно три пати поголем.

Сепак, тој дозволи некои индустрии и градежниот сектор да започнат со работа во вторник, со задолжително носење маски и ракавици.

Премиерот на Русија ги критикуваше работодавците за удвојување на стапката на невработеност од почетокот на епидемијата, додавајќи дека требало да ги задржат работниците.

Русија има население од околу 145 милиони и досега спроведе повеќе од 5,6 милиони тестови на коронавирус.

Шпанија, од друга страна, спроведе скоро 2,5 милиони тестови за коронавирус и серолошки тестови на антитела.

Економската активност во Русија опадна за повеќе од една третина од воведувањето на мерките за изолација, според владината статистика објавена минатата недела.

Падот на цените на нафтата како резултат на забавувањето на глобалната трговија, исто така, имаше негативно влијание врз руската економија.

Руската рубља е за 10 проценти послаба во однос на американскиот долар отколку пред почетокот на кризата на почетокот на март, иако во последните неколку недели малку закрепна.

Соседите на Русија, Украина и Грузија, во понеделникот започнаа со олеснување на ограничувањата, а Казахстан ја укина вонредната состојба.

Loading...

Related posts

Leave a Comment