Регион

Путин му посака среќа на Додик на изборите

Бања Лука – „За нас е важно да имаме пријатели како Владимир Путин, бидејќи неговата посветеност на Дејтонскиот договор ја штити Република Српска“, напиша на Твитер српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, кој се сретна со претседателот на Руската Федерација во Москва. 

Како што јави радио-телевизијата РС, Путин на средбата му рекол на Додик дека се надева дека ќе ги зајакне патриотските сили во Република Српска. Додик му рекол на рускиот претседател дека „позицијата на Српска е посилна поради фактот што ја одржуваме комуникацијата со вас“.

„Пред неколку дена се погриживме репрезентацијата на БиХ да одигра натпревар со Русија, особено сум горд што тоа ќе се случи, иако дел од земјата не беше за тоа“, изјави Додик.

Путин истакна дека спортот треба да ги обединува луѓето, а не да ги дели.

„Затоа е важно“, рече претседателот на Руската Федерација. Кога му посака добредојде на Додик, Путин изрази надеж дека тие ќе продолжат да ги негуваат пријателските односи.

„Мило ми е што ве гледам и што можеме заедно да разговараме за ситуацијата во регионот и во вашата земја“, рече Путин, пренесува Алтернативна телевизија.

Претседателот на Русија ги спомена и изборите во Босна и Херцеговина.

„Те знаеме како српски патриот и, секако, ти посакуваме успех“, рече тој.

Во пресрет на втората средба на двајцата лидери годинава, Додик најави дека со рускиот претседател ќе разговара за политички прашања и конкретни проекти, како и за проблемите со кои се соочува РС и како се однесуваат западните претставници во нашиот регион. Српскиот член на Претседателството на БиХ рече дека соработката со Русија во областа на енергетиката е стратешки важна за РС, бидејќи е јасно дека за рускиот гас нема алтернатива, без оглед на идеолошките „мудрости“ кои доаѓаат од Запад.

Сараевските медиуми, пак, посетата на Додик на Москва ја ставаат во контекст на предизборната кампања, а во преден план посочуваат дека Додик како проруски човек се среќава со лидерот на државата која изврши агресија врз Украина. Додик за руските медиуми изјави дека Сараево води антируска политика и ги спречува сите проекти што Српска треба да ги спроведе со Руската Федерација. „Од формирањето во јануари 1992 година, Република Српска има најблиска можна соработка со Руската Федерација, која е и гарант на Дејтонскиот мировен договор со кој се создаде модерна Босна и Херцеговина. Русија е и најважниот дипломатски сојузник на РС, таа ги штити нејзините интереси во светската политика и меѓународните организации, особено во ОН“, изјави Додик за рускиот весник „Газета“. Тој посочи дека меѓу Русија и РС не се доволно искористени капацитетите за соработка во областа на културата и образованието. додавајќи дека е „воодушевен од веста дека Русија го укинува Болоњскиот систем на образование“. Додик оцени и дека „односот на колективниот Запад кон Русите и Србите е од цивилизациска и геополитичка природа“.

Професорот по меѓународни односи во Бања Лука ФПН Жељко Будимир оцени дека РС од аспект на надворешната политика се повеќе ќе се потпира на Русија, која е главен фактор за стабилност на односите на Балканот. Тој посочува дека меѓународниот поредок брзо се менува и дека оваа средба се одржува по големиот состанок на Шангајската организација за соработка во Узбекистан, на кој беа истакнати индиции за нов мултиполарен поредок.

Related posts

Leave a Comment