Култура

Сирма Коневска : Кон премиерата на филмот Врба од режисерот и сценарист Милчо Манчевски

 

Кон премиерата на филмот Врба од режисерот и сценарист Милчо Манчевски

Вчера вечер на три локации во Скопје и повеќе градови во Македонија премиерно беше прикажано последното остварување на режисерот Милчо Манчевски. По екстравагантната промоција на филмскиот фестивал во Рим, особено забележана од публиката ( со восхитувачка грациозност и достоинствен настап на црвениот тепих на трите млади дами актерки и режисерот) беше само иницијална каписла за неверојатниот интерес кај домашната публика која со нетрпение ја очекуваше вчерашната проекција, филм кој од филмската критика беше најавен дека го „освоил вечниот град Рим“, споредувајќи го со Бергмановите остварувања.

Филмот е клише. Три приказни врзани во шема – далеку под хоризонтот на идеалот, вечното естетско – шема од која авторот по успехот на „Пред дождот“ не може да излезе. Клише на ликови, клише на структура, нарација, клише на хумор, клише на „инцидентна“ појава на авторот во кадар, клише на негативен приказ на менталитет, накусо, клише на филмски ракопис. Репетитивно повторување. Хегел би рекол, парафразирано, битие што не ја надминува својата природа, и не се стреми кон трансцедентност на духот е затворен систем. Односно, материја.
Темата мајчинство е душевна тема. Иинспиративна и длабока. Древна колку и човештвото. Авторот не успева да ја допре суштината на темата. Филмот повеќе го обработува мајчинството од социјален аспект, отколку што е чувствено естетски обид за допир на духовното – напати, блеснува во пејсажи, кадри од природата на прекрасна Македонија – магични предели: многу планини, отворено небо, хоризонти, жолто класје, сонце, бистра вода …на локации: мариовско, кратовско, охридско итн., и толку од безвременоста. Машките ликови во Врба се стеротипи… и недоволно обработени. Тој, долга брада, слуша народна музика, побожен, таксист. Или, новиот модел на маж, таткото на посвоеното дете – безличен. Женските ликови подобро разработени. Одлична глума, го дале својот максимум што можеле да извадат од подлогата, сценарио и нарација, особено ликот во улога на Камка Тоциновски, како и на актерките Сара Климовска и Наталија Теодосиева.
Филмот завршува со сцена на сунет, џумбус, ромска музика, џагор – што за авторот симболички е синоним за живот (?!) и оттука пораката: бидете како Ромите, живејте од денес за утре, со многу музика и не плашете е за семјствата, ќе бидат многудетни, а ниту А од „аутизмот“. Не постои.

Филмот е социјален приказ на борбата на жената за род, мајчинство.
Но, безуспешен обид да ја допре вечната нишка на безвременото мајчинство и борбата на безкомпромисниот женски принцип за живот, и да ги наслика својствата на вечното женско: љубов, нежност, чувственост, земја, емоција, емпатија, душа, род. Вечната борба на животот наспроти смртта.
Истовремено, филмот е крајно арогантен приказ на еден менталитет, а народот е прикажан како изболичен, креатура во расчекор помеѓу минатото и иднината.
Накусо, наменски филм, „добро“ спакуван производ за филмски пазар, не доволно добар или, ниту блиску возвишен да биде ремек дело, ниту блиску до ракописот на Бергман.

Сирма Коневска

Loading...

Related posts

Leave a Comment