Македонија

СКАЗНА ЗА МАКЕНЦИТЕ И БУГАНЦИТЕ – Љубомир Цуцуловски

 

СКАЗНА ЗА МАКЕНЦИТЕ И БУГАНЦИТЕ. Постоеле некогаш две земји. Едната се викала Буганија, другата Макенија. Во Буганија живееле Буганци, во Макенија Макенци. Од некои чудни причини, некои Буганци-историчари сметале дека Макенците не се Макенци, туку се Буганци. Некои умерени Буганци не го доведувале во прашање постоењето на Макенците. Меѓутоа, за нив било интересно прашањето за потеклото на Макенците. Според нив, Макенците некогаш биле Буганци кои низ историјата преминале во Макенци. Притоа, оваа група Буганци се поделила. Едни сметале дека Макенците, како резултат на повеќе историски и социјални околности, веќе се Макенци и дека Буганците треба да се помират со тој факт. Другите Буганци, од “фактот” дека Макенците некогаш биле Буганци, заклучувале дека Макенците се однародени Буганци. Затоа, сметале дека заблудените овци (Макенците) треба да се вратат кон матичното стадо – кон Буганците. За тоа време, Макенците живееле онака како што единствено можеле да живеат – како Макенци, бидејќи тоа биле. Што и да кажеле Буганците, Макенците го живееле својот макенски живот, нечувствувајќи потреба да го докажуваат своето постоење. Зарем, размислувале Макенците, нештата што постојат имаат потреба некому да го докажуваат своето постоење? Нештата постојат независно од тоа дали некој го признава нивното постоење. Додуша, во моменти на заеднички средби со Буганците, кога овие го доведувале во прашање нивното постоење и потекло, Макенците умееле итро да одговорат на сите забелешки од Буганците. Како што често бидува, секој Макенец имал специфичен одговор на проблематичните гледања на Буганците-историчари.

Некои чешит Макенци хипотетички прифаќале дека се Буганци. Меѓутоа, продолжувале да се шегачат, ако Макенците се исто што и Буганците, следи дека Буганците се Макенци, но без свест за својата макенска природа. Бидејќи, пак, Буганија се наоѓа источно од Макенија, образлагале овие Макенци, следи дека Буганците се Источномакенци, но без свест за својата макенска природа. Затоа, треба да се вратат кон своите макенски корени, како што и сè во овој свет се враќа таму од каде што потекнало. Така се шегачеле некои Макенци.

Други Макенци, склони кон иронизирање, извлекувале други необични заклучоци. Сметале дека сите суштества, вклучувајќи ги и Буганците, не се ништо друго освен амеби. На ваквите тврдења Буганците гледале со чудење. Но, ироничните Макенци своите тези логично ги објаснувале. Ако на работите се гледа така како што гледаат Буганците (дека Макенците се Буганци, бидејќи потекнале од нив), тогаш мора да се почитува фактот дека луѓето потекнуваат од човеколики мајмуни. Мајмуните, пак, потекнуваат од… И така, ќе се стигне до амебите. Според тоа, иронизирале овие Макенци, сите суштества се амеби, меѓутоа без свест за своето амебозно потекло.

Постоеле и цинични Макенци. Тие, како и другите Макенци, условно прифаќале дека потекнуваат од Буганците, сакајќи работите да ги доведат до апсурд. Ако се прифати тврдењето дека Макенците потекнуваат од Буганците, тогаш ќе мораат и едните и другите да се соочат со чудни заклучоци. Имено, тоа би значело, циничеле циничните Макенци, дека дел од Буганците, благодарение на историскиот развиток, еволуирале во Макенци, додека другиот дел и понатаму останал тоа што е – Буганци. Тоа би му дошло, продолжувале овие цинични Макенци, како историска стагнација. Или, не дај Боже, историска инволуција. Ова предизвикувало бучни реакции кај Буганците Меѓутоа, циничните Макенци предупредувале дека таквите заклучоци се неизбежни (макар непожелни), ако се следи логиката на етногенезата, на која некои Буганци инсистирале.

Така, се раскажува, спореле Буганците и Макенците. Оттогаш, изминале многу години, но сеќавањата за нивните спорења се задржале и јас само се обидов да пренесам дел од нив. Притоа, знам дека Макенците живееле какао Макенци, бидејќи тоа и биле. Секогаш кога ќе се сетам на оваа сказна, која некои Буганци ја застапувале, помислувам дека кога одредени луѓе не поседуваат ништо во сегашноста од кое би можеле да го црпат својот живот кога, значи, животот духовно им станал ништожен и празен, тогаш се свртуваат кон минатото, сакајќи во него да најдат материјал/храна/оправдување за својот сегашен живот. Во таквите мигови, кога на овие луѓе им недостигаат сили за нивниот живот, не им останува ништо друго освен да раскажуваат разни празни сказни, бидејќи животот им преминал во грозно празна сказна.

П.С. Сказната првпат ја објавив во „Утрински весник“ од 25.03.1999 год., стр. 21. Значи, пред дваесет години. Потоа, ја преобјавив во книгата „Празни сказни“ од 2002. Сега само ја пренесов во нешто скратена верзија.

Пријатен и добар викенд на секој Макенец. Од еден Макенец.

 

ФБ Статус на професорот Љубомир Цуцуловски

Related posts

Leave a Comment