Свет

Трамп ја најави смената на генералниот инспектор на разузнавачките служби

 

ВАШИНГТОН – Во писмото до американските законодавци, американскиот претседател Доналд Трамп во петокот објави дека ќе го разреши генералниот инспектор за разузнавање Мајкл Аткинсон, пренесува Њујорк Тајмс.

Аткинсон минатата есен го брифираше Конгресот за поплаките за претседателската активност во Украина, кои иницираа започнување на конгресен процес за отповикување на претседателот Трамп.

Одлуката за разрешување на Аткинсон и назначување на негов наследник за генерален инспектор за разузнавање беше објавена пред законодавците како дел од огласот за назначување нов советник во Белата куќа за надзор и управување со фонд од 500 милијарди американски долари за да им помогне на корпоративните бизниси да се опорават од пандемијата на корона  вирусот.

„Ова мноштво најави во време кога се посветува цело внимание на борбата против вирусната епидемија предизвика загриженост дека Белата куќа ја користи можноста задкулисно да воспостави контроли и да влијае на работата на генералниот инспектор на разузнавачката заедница, која функционира како независно, контролорно тело со задача да ги открива и спречува злоупотребите, штетните и незаконски активности во рамките на американската влада “, пишува Њујорк Тајмс.

Покрај тоа што објави дека ја„загубил довербата“ во Аткинсон, американскиот претседател не ја објасни подетално својата одлука за разрешување, иако уште минатата есен им кажал на своите најблиски соработници  дека верува оти генералниот инспектор „не му е лојален соработник“ затоа што  со конгресмените споделувал информации за претседателските лично мотивирани активности  во Украина.

Според „Њујорк Тајмс“, еден службеник на администрацијата на Трамп, кој инсистирал на анонимност, посочил дека судбината на Аткинсон е запечатена веднаш по завршувањето на отповикувањето на конгресот.

Според законот на САД, претседателот може да го разреши генералниот инспектор за разузнавање еден месец откако ќе ги извести безбедносните структури за неговата намера.

Демократите веднаш одговорија на соопштението на Трамп, па сенаторот од Вирџинија, Марк Ворнер, член на Комисијата за разузнавање во Сенатот, рече дека е неодговорно тоа што Трамп решил да го разреши Аткинсон среде вирусна пандемија.

„Овој (обид на Трамп) да ги политизира службите за национална безбедност треба сериозно да не вознемири“, рече сенаторот Ворнер.

Related posts

Leave a Comment