Свет

Убиецот на Роберт Кенеди во болница,затвореник го прободел со нож

 

Сирхан Сирхан, затворен повеќе од 50 години за убиството на сенаторот Роберт Кенеди, бил пренесен во болница откако бил прободен со нож од друг затвореник во затворот во Сан Диего.

Во изјавата на администрацијата на државниот затвор во Калифорнија се вели дека Сирхан Сирхан бил избоден со нож во затворот во близина на Сан Диего вчера попладне.

„Полицијата реагираше брзо, го пронајде повредениот затвореник. Тој бил пренесен во надворешна болница и во моментов е во стабилна состојба“, се вели во соопштението.

Во изјавата не се наведува името на затвореникот, но владин извор потврди за АП дека станува збор за Сирхан.

Затворските службеници рекоа дека наводниот напаѓач е идентификуван и одвоен од другите затвореници при истрагата.

Седумдесет и петгодишниот Сирхан беше осуден за убиство на Кенеди, веднаш по полноќ на 5 јуни 1968 година. Убиството се случи веднаш откако Кенеди, тогашен сенатор од Њујорк, прогласи победа на изборите во Демократската партија во Калифорнија за претседателски кандидат од таа партија.

Кенеди требаше да го заврши победничкиот говор пред силните приврзаници во хотелот Амбасадор во Лос Анџелес, кога реши да помине низ кујната на хотелот. Застана да се ракува со келнер, кој му донесе храна во неговата соба претходниот ден, тогаш беше застрелан во главата. Тој им подлегна на повредите следниот ден.

Роберт Кенеди е помладиот брат на претседателот Џон Кенеди, кој исто така беше убиен во атентат во 1963 година во Далас.

Сирхан беше осуден на смрт, но кога Калифорнија ја забрани смртната казна, неговата казна беше преиначена на доживотен затвор. Неколку пати му беше одбивана условна казна.

Со текот на годините Сирхан тврди дека не се сеќава дека пукал, дури дека и не се сеќава на првичното признание. Како познат затвореник, Сирхан беше задржан извесно време во специјалното одделение во државниот затвор Коркоран во Северна Калифорнија.

Тој пред неколку години им рече на властите дека повеќе би сакал да биде со други затвореници и  беше префрлен во затворот во округот Сан Диего.

Related posts

Leave a Comment