ЧЕШКАТА РЕПУБЛИКА ќе предложи вонреден состанок на европските министри за енергетика што е можно поскоро на кој ќе се разговара за прашањето за поскапувањето на енергенсите, изјави чешкиот министер за индустрија Јозеф Сикела.
Европа се соочува со огромни зголемувања на сметките за енергија, поттикнати од наглото зголемување на цените на гасот, додека војната во Украина и европските санкции против Русија ја зголемуваат загриженоста за безбедноста на снабдувањето со гас. Владите, пак, размислуваат за мерки за намалување на поскапувањето на сметките за домаќинствата и фирмите.
„Ние сме во енергетска војна со Русија и ова ѝ штети на целата ЕУ. Во договор со Европската комисија и премиерот Петер Фиала, ќе предложам свикување на вонреден состанок на Советот за енергетика на ЕУ што е можно поскоро“, напиша Сикела на Твитер.
Редовна средба на министрите за енергетика закажана за октомври
Чешка во моментов претседава со Европската унија и веќе закажа редовен состанок на министрите за енергетика за октомври.
Европската комисија овој месец објави дека итно проценува различни опции за воведување плафон за цената на гасот, но не објасни во каква форма тоа ќе се спроведе.
Брисел соопшти дека ќе се консултира со земјите-членки на ЕУ за ограничување на цените и ќе поднесе извештај за предлозите наесен доколку е потребно.