Колумни

Љубомир Цуцуловски: Колку повеќе работникот се исцрпува на работа, толку помоќен станува туѓиот предметен свет

ОТУЃУВАЊЕ. Работникот станува толку посиромашен колку повеќе богатства произведува, колку повеќе расте моќта и размерите на неговото производство.

Работникот станува толку поевтина стока колку повеќе стоки создава… Трудот не создава само стоки: тој се произведува самиот себе и работникот како с т о к а, притоа во иста пропорција во која тој создава стока… Сите тие последици се содржани во определбата дека работникот се однесува спрема производот на својот труд како спрема т у ѓ предмет.

При таква состојба е јасно: колку повеќе работникот се исцрпува на работа, толку помоќен станува туѓиот предметен свет, создаван од самиот него против самиот себе, толку победен станува самиот тој, неговиот в н а т р е ш е н свет… Работникот го вложува во предметот (производот, Љ.Ц.) својот живот, но отсега тој живот веќе не му припаѓа нему, туку на предметот… Што е внесено во производот на неговиот труд, тоа веќе го нема кај самиот него. Затоа, колку е поголем тој производ, толку е помал самиот тој.

(Во) самоотуѓувањето на работникот… неговиот труд станува предмет, добива н а д в о р е ш н о постоење, кое е независно од него, како нешто туѓо за него… Животот што му го дал на предметот/производот истапува против него (работникот, Љ.Ц.) како непријателски и туѓ.

Претходните редови, напишани од Карл Маркс во 1844 година, нека бидат прилог повеќе кон Денот на трудот/работникот и самоосвестувањето на работникот/трудбеникот/производителот, како неопходен услов за неговото самоослободување, бидејќи на него и понатаму се гледа како на презрено и недостојно суштество за што било друго, освен за работа и е к с п л о а т а ц и ј а. И, што е најбитно, така кон него и се однесуваат – како кон стока, која служи единствено за лична употреба и задоволство на газдата/стопанот/поседникот на капиталот.

П.С. треба да се има предвид дека под поимот „работник“ Маркс не мислел само на непосредниот, физички производител, туку на секој човек кој живее од својот труд, неексплотирајќи туѓ труд. Тоа може да биде трудот на оној кој воспитува, учи, лекува, забавува, пишува… Едноставно, кој не живее на ничиј туѓ грб.

Љубомир Цуцуловски

Related posts

Leave a Comment