Колумни

Љубомир Цуцуловски: МЕРАК И СРЦЕ. Ви се исполни ли меракот, господине Стево Пендаровски? Еве, барем за оваа година, успеавте да го промените начинот на кој се славееше празникот Илинден во Крушево.

Цуцуловски

МЕРАК И СРЦЕ. Ви се исполни ли меракот, господине Стево Пендаровски? Еве, барем за оваа година, успеавте да го промените начинот на кој се славееше празникот Илинден во Крушево.

Со децении се славееше на ист начин, собирајќи на едно место илјадници и илјадници Македонци, дојдени од цела Македонија и од многу земји во кои биле принудени да емигрираат. Тоа значи дека досегашниот нечин на славеење не го поделуваше македонскиот народ, ниту на кој било начин го конфронтираше. Напротив, го обединуваше. Сепак, од пусти „мерак“ ја укинавте повеќедецениската традиција. Со кое морално право и врз основа на кој закон го направивте тоа, господине?

Мислам дека не се работи за Ваш ќеиф или мерак, колку за Ваш страв да се појавите пред толку свет. Тврдите дека досегашниот начин на прославување доведувал до несакани, напати и недостојни ситуации. Нека е и така. Меѓутоа, кога се согласивте да ја вршите оваа функција – претседател на држава, господине! – зарем не знаевте дека тоа не е почесна титула? Претседател на една држава најмалку е тоа. Напротив, таа функција наложува достоинствено да се поднесат многу непријатни работи, вклучувајќи и свирежи, а не само аплаузи.

Сте се запрашале ли некогаш господине, сеедно кога, како се чувствувал претседателот Киро Глигоров, кога беше посипан, како што и понатаму се тврди, со течност од непознато потекло? Сепак, тоа го поднесе достоинствено, како што доликува на секој претседател, ниту заради тој чин Република Македонија пропадна. Само пред дваесетина дена, претседателот на Република Франција, господинот Емануел Макрон, беше јавно ошамаран.

Тоа го виде целата светска јавност. Сепак, ниту Макрон пропадна, ниту угледот на Франција се намали. Дали сваќате, господине Пендаровски, дека за да се биде претседател на една држава не е довлона само желбата/меракот, туку потребно е да се има и храброст, срце и достоинство. Особено срце, господине, во кое се сплотени храброста, љубовта и подготвеноста за секаква жртва. Од тоа не бегаше ни Винстон Черчил, ниту генералот Франсоа де Гол.

Затоа и ќе бидат запаметени.Треба да се има срце, господине. Тоа е и мотивот зошто „Македониумот“ е во облик на срце – рането, откинато, крваво. Но, сепак, срце! За сѐ треба да се има срце, господине. Срце треба да се има.

Љубомир Цуцуловски

Related posts

Leave a Comment

error: Content is protected !!