Македонија

Љубомир Цуцуловски : Мерката намалување на платите директно ќе го урниса целото стопанство

ДАЛИ СЕ…?

Дали се свесни кои би биле последиците од драстичното намалување на платите? Првата последица (покрај демотивираноста квалитетно да се работи) би била намалување на куповната моќ, која и без тоа е никаква – барем кај поголемиот дел од населението. Намалената куповна моќ ќе доведе до намалена потрошувачка. Намалената потрошувачка директно води кон зголемување на цените, што ќе доведе до уште помала потрошувачка. На тој начин, намалената потрошувачка, проследена со немаштија, ќе предизвика уште поголемо намалување на и така намаленото производство во сите сфери од стопанството. Намалувањето на производството ќе доведе до вишок на работна сила, односно до уште поголема невработеност, која воопшто не е за потценување. А вработувања на Запад (единствениот досегашен вентил) ќе нема! Невработеноста уште повеќе ќе ја намали потрошувачката, која ќе влија врз порастот на цените, а тоа ќе доведе… И така, цело време ќе се вртиме во маѓепсан круг во кого сѐ ќе страда, вклучувајќи го, пред сѐ, стопанството. Без развиено, богато стопанство ќе нема ниту богат буџет, ниту враќање на долговите како на внатрешен, така и на надворешен план. Накнадното задолжување само би ја зголемило кризата. Да се очекува помош однадвор е бесмислена илузија, бидејќи светот и така оди кон сѐ поголема рецисија и секој се грижи, пред сѐ, за сопствените грижи, што е нормално во ваква ситуација.

Да не должам – оваа мерка директно ќе го урниса целото стопанство, а со тоа и Државата. Во таква ситуација ќе дојде до масовни класни незадоволства, протести и немири од секаков вид. Наивно е ако некој мисли дека државните сили на репресија (колку и да им се покачат платите) ќе можат да ја контролираат ерупцијата на незадоволство и гнев. Затоа, наместо за репресивни и рестриктивни мерки, нека се размислува за стимулативни мерки, со кои ќе се зголеми ентузијазмот на граѓаните, а со него и нивната мотивираност за кооперативност со власта, која и да е.

ФБ Статус на професорот Љубомир Цуцуловски

Loading...

Related posts

Leave a Comment