ФБ Статуси

Љубомир Цуцуловски: Ситуацијата со пописот е сериозна!

СИТУАЦИЈАТА Е СЕРИОЗНА. Напишав дека ситуацијата е сериозна, макар што е повеќе од сериозна. Таа е критична! Ќе наведам неколку елементи во прилог на оваа теза.

(1) Ако и покрај сите предупредувања Пописот се о д р ж и, тогаш неговото одржување ќе предизвика бројни ефекти со негативен предзнак. (А) Ретко кој од населението (особено неалбанското) ќе верува во конечните резултати, бидејќи и самата опозиција не верува дека Законот за попис е донесен според сите законски процедури, ниту верува во неговиот квалитет – особено во предвидената методологија. За таа цел, ВМРО-ДПМНЕ покрена акција за собирање потписи, со кои Законот би бил доведен во прашање, односно повлечен. Меѓутоа, колку и да беше бомбастично најавувана, акцијата е прекината! (Б) Во меѓувреме, некои министри со албанско етничко потекло агитираат маѓу албанската дијаспора за што поголем одзив на Пописот, што не е нивна работа – ниту се избрани за тоа, ниту е нивна надлежност. (В) Накнадна сомнеж во активноста на овие министри внесува фактот што таа е еднострана – не ги опфаќа граѓаните кои не се со албанско етничко потекло, како да не се министри на Република Македонија, туку на Албанија или Косово. (Г) Претходните елементи, како и сомнежот дека не е во ред да се спроведе попис во услови на пандемија, чиј трет бран е во тек и засега најпогубен, ќе доведе до несакани ефекти/ситуации, почнувајќи од вербални негодувања, непуштање на попишувачите во домовите (особено ако не се вакцинирани и ако нивното вакцинирање не е докажано/проверено), па сѐ до отворени тензии помеѓу граѓаните, кои можат да доведат до излегување на улиците и физички пресметки. Тоа, секако, нема да води кон зголемување на стабилизацијата и довербата во државата, особено ако тензиите добијат меѓуетнички карактер, ситуација која не е исклучена. На пример, некои албански лидери отворено тврдат дека резулатите нема да ги прифатат, ако не не опфаќаат одреден процент на етнички Албанци, кои самите го определуваат/наметнуваат.

(2) Б о ј к о т о т, според некои, би можел да биде излезот. Меѓутоа, мора да се води сметка дека тој нема да биде целосно спроведен и, според тоа, ни би се добиле точните/валидните податоци за етничката структура на населението, бидејќи бојкотот би одел (најверојатно) по етничка линија. Од друга страна, колку што знам, не е дефинирано/определено колкав процент од населението треба да биде попишан за да може Пописот да биде прогласен за невалиден/поништен. Прашање е и дали е тоа можно, бидејќи за да се определи тој процент однапред би требало да се знае точниот број на населението. Меѓутоа, целта на секој попис е токму тоа – да се определи, помеѓу другото, точниот број на населението. Кога би се знаел, тогаш зошто би се одржувал?

(3) О д л а г а њ е на пописот, се чини, е најразуманата одлука. Пописот може да се одложи за есен или за наредната година, бидејќи секое одлагање е подобро отколку попис по секоја цена. Притоа, одлагањето на Пописот не ќе претставува исклучок, бидејќи тоа го направија повеќе држави, меѓу кои САД и Бразил. Во меѓувреме, тензиите би спласнале, а Законот за попис би се подобрил и усогласил со светските стандарди.

Ако, сеедно од кои причини, не дојде до одлагање на Пописот, одговорноста подеднакво ќе ја имаат и власта и опозицијата, која ништо (или скоро ништо) не направи на овој план, повлекувајќи се пред наметнатите услови. Конформизмот, пак, не води никаде. Ако некаде води, тогаш не води кон добро, туку кон уште полошо.

Фб Статус на професорот Љубомир Цуцуловски

 

Loading...

Related posts

Leave a Comment