Колумни

ЉУБОМИР ЦУЦУЛОВСКИ: СЛЕПА ЛАКОМОСТ

Трагедијата на Украина покажува кои би биле последиците од лакомиот и слеп принцип, според кој остварувањето на одредена цел, како што се влезот во ЕУ или НАТО, нема цена, бидејќи имплицира дека целта може и треба да се постигне по секоја цена.

До овој скандалозно-алчен принцип се придржуваат скоро сите политички партии и во Република Македонија, неводејќи сметка за тоа кои би биле последиците, како и врз чии плеќи би се струполиле. Врз плеќите на народот или врз општетвената/политичката самодалдисана елита? Од досегашното упорно и слепо придржување до принципот дека целта треба/мора да се оствари по секоја цена (ако се оствари!) сѐ уште не сме дошло дури ни до патот кој води кон целта (макар биле и на неговиот почеток), туку и понатаму талкаме по некакви тесни улички, кои не се ни улички, туку ќор-сокаци од типот на Договорот во Нивици или преговорите со Бугарија, чии резултати се јасни. Доволно е да се потсетиме дека го загубивме името на државата (макар и привремено), како и историскиот, националниот или јазичкиот континуитет. Притоа, бугарската страна и понатаму нѐ затрупува со неумерени и надвор од секој ум барања, како што се повторно менување на Уставот, признавање на некакво бугарско малцинство и сл., а притоа да не се направи никаква отстапка од бугарска страна. Се покажа дека „софистицираниот“ Кирил Петков е исто толку „софистициран“ колку што беше Тодор Живков или Царска Бугарија. За тоа говорат не само неговите ултимативни барања, туку и „историската“ фотографија од која беше исечен/отфрлен Димитар Ковачевски. Тоа беше срам не само за Ковачевски, туку и за Петков, бидејќи никој не би трабало, заради пропагадно-понижувачки цели, да се спушти толку ниско.

Во исто време, македонските форсирачи на принципот дека целта ја оправдува цената (сеедно колкава е) забораваат дека и другите имаат своја цел/интереси и дека ако секој се придржува до оваа теза – како украинските политичари, на пример – тогаш светот би завршил во сеопшта конфронтација, која лесно може да стане општа војна на секој против секого. Или, според Хобс, војна на сите против сите/bellum omnium contra omnes, што би значело враќање во животинска, наместо во човечка состојба на живеење. Тоа нужно би довело до регресија во предполитичка состојба, во која правото се сведува на право на помоќниот/посилниот и во која малите земји/држави би биле вшмукани/асимилирани од поголемите и бескрупулозни сили. Со тоа би завршила и историјата на човекот/човештвото.

Љубомир Цуцуловски

Related posts

Leave a Comment