ФБ Статуси

Љубомир Цуцуловски : Уста, прекриена со маска, малку говори

НЕШТО Е МАТНО. Во првите неколку месеци од појавата на пандемијата, здраствените власти (на светско ниво!) тврдеа дека една од најефикасните превенции против ковидот е што помалку движење надвор.

Што значи, што помалку на отворен простор. Се пласираше дури и препораката: „Остани дома!“ За таа цел, се ограничуваше движењето на луѓето; голем дел од вработените работеа од дома; се затвораа училиштата, детските градинки и факултетите; се кратеше работното време во угостителските објекти; се ограничуваше меѓудржавниот проток на луѓе; во некои земји се воведуваше целосен полициски час, со траење од повеќе денови…Кога почна да се мисли дека пандемијата е ставена (колку-толку) под контрола, се случува нејзино повторно „воскреснување“ и ширење. Тоа толку и не изненадува, бидејќи цело време човештото го подготвуваа да се навикне да живее со неа, како негова трајна сопатничка, од една страна и, од друга, да ја прифати новата нормалност.

Меѓутоа, сега се нудат сосема спротивни методи за нејзино сопирање. Претходно, како што напоменав, се сметаше дека останувањето дома, редуцирањето на семејните и социјалните контакти итн. се прогласуваа за ефикасни средства против нејзиното ширење. Сега, пак, почнува да се промовира нова, директно спротивна доктрина од претходната. Имено, објаснуваат/убедуваат дека доаѓале студени денови – есенски и зимски. Како последица на нив, луѓето ќе претсојувале подолго време во затворени простории, без можност да излезат и да се прошетаат. Во затворените простории вирусот ќе имал можност уште повеќе да се шири. Меѓутоа, и злегувањето надвор ќе морало да биде со маски, без разлика на физичката/социјалната дистанца. И сето тоа доаѓа од устата на истите луѓе.

Накусо, еднаш се тврдеше дека ефикасно средство против ширењето на пандемијата е останувањето дома, во затворени простории и со што помалку прошетки. Една македонска новинарка (нејзиното име, во случајов, е небитно) дури им префрли на граѓаните дека премногу се рашетувале низ улиците. Пазете, се р а ш е т у в а л е (!?) како да немаат друга работа, освен да се рашетуваат/лутаат како распуштена глутница/банда по улиците и парковите. Потоа (т.е. сега!), се тврди спротивното – останувањето во затворени простории уште повеќе ќе влијаело врз ширењето на вирусот.

Дека е нешто матно и помешано во нечии глави станува сè појасно. Освен, се рабира, ако помешаноста и матноста не се намерни, за да се поматат главите на другите, на самите луѓе – на човештвото! А со нив, да се поматат и нивните животи и меѓусебните нормални односи. П.С. Уста, прекриена со маска, малку говори. Малку говорење, значи малку мислење. Помалку мислење, значи…

ФБ Статус на Професор Љубомир Цуцуловски

Related posts

Leave a Comment