Свет

Американски генерал: Ракетните напади меѓу Израел и Иран ги доведуваат во опасност нашите војници

Размената на ракетни напади меѓу Иран и Израел во Ирак и Сирија ги става во опасност американските сили, изјави вчера врховниот командант на САД за Блискиот Исток. 

Тој ова го изјави само неколку дена откако иранскиот ракетен арсенал го погоди комплексот на американскиот конзулат во северен Ирак. Генералот Френк Мекензи им рече на новинарите во Пентагон дека Иран неколкупати ги нападнал американските сили и објекти во изминатите шест месеци, но „многу добриот одговор од командантите на теренот“ ги спречи сите американски жртви, објави Gulf Today .

„Да имаше американски жртви, мислам дека сега ќе бевме во сосема поинаква позиција“, рече Мекензи. Мекензи и други американски официјални лица изјавија оваа недела дека ракетните напади во близина на конзулатот во неделата не биле насочени кон САД, а Иранската револуционерна гарда објави на својата веб-страница дека нападнала израелски шпионски центар во градот Ербил.

Американските и израелските власти одбија јавно да коментираат за можната цел на тие ирански напади. Иранскиот напад се случи неколку дена откако Иран соопшти дека ќе возврати на израелскиот напад во близина на Дамаск во Сирија, во кој беа убиени двајца членови на Револуционерната гарда.

 „Мислам дека е очигледно дека Израел ќе преземе чекори да се одбрани кога ќе се соочи со иранските акции. Се разбира, Иран е посветен на уништување на Израел“, рече Мекензи во петокот. „Загрижен сум поради овие размени меѓу Иран и Израел, бидејќи нашите сили многупати биле во опасност, без разлика дали во Ирак или Сирија. Значи, тоа навистина ме засегнува“, рече Мекензи, кој се пензионира по три години како шеф на американската Централна команда. Тој говореше на неговиот последен брифинг со новинарите вчера. Тој рече дека се подготвува да ја предаде функцијата на новиот армиски генерал Ерик Курил. Пораката до наследникот е дека Иран останува најголемиот предизвик.

Related posts

Leave a Comment