Македонија

Бундестагот изгласа почеток на преговори со Македонија и Албанија

 

Пратениците во германскиот Бундестаг вечерва со големо мнозинство и одобрија на владата да се заложи за отворање пристапни преговори со Република  Македонија. За предлогот гласаа и власта и дел од опозицијата

Со големо мнозинство гласови „За“ пратениците во германскиот Бундестаг дадоа зелено светло за почеток на пристапни преговори на Македонија со ЕУ. Поддршка доби и поединечната резолуција за почеток на преговори со Албанија. Во дебатата која траеше нешто повеќе од половина час, пратениците на владејачките ЦДУ/ЦСУ и социјалдемократите изразија поддршка за реформските напори на Скопје и во повеќе наврати го наведоа Преспанскиот договор како големо достигнување за целиот регион.
Во делот за  Македонија владејачката коалиција бара да се гарантира дека реформскиот курс и заокружувањето на потребните реформи ќе бидат одржани. Се додава дека Македонија мора да преземе дополнителни напори за да ги исполни критериумите за членство во ЕУ, особено во делот на владеењето на правото, ефикасноста на Специјалното јавно обвинителство, борбата против корупцијата и организираниот криминал и засилување на институциите за заштита и подобрување на човековите права.
Акциските планови предложени од Европската комисија мора да добијат јасни рокови, чие исполнување треба да биде услов за отворање на нови Поглавја. Бундестагот го задржува правото да го смени својот став доколку утврди дека не се исполнуваат поставените услови за почеток на преговорите.

Related posts

Leave a Comment