Свет

Бундестагот ја отфрли ЗАДОЛЖИТЕЛНАТА ВАКЦИНАЦИЈА: Владата на Олаф Шолц го претрпе првиот голем пораз

Германскиот Бундестаг денеска го отфрли предлогот на владата за воведување задолжителна вакцинација против коронавирусот за постарите граѓани.

Во Бундестагот 378 пратеници гласаа против воведувањето задолжителна вакцинација за граѓаните над 60 години, а 296 го поддржаа владиниот предлог, додека девет пратеници беа воздржани.

Така германската влада на канцеларот Олаф Шолц го претрпе првиот значаен пораз во Бундестагот.

Шолц стравуваше од таков исход, па дури и ја врати министерката за надворешни работи Аналена Бурбок во Берлин од состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, за да го обезбеди секој глас во Бундестагот.

Поради големите внатрешни дебати, владејачките СПД, Зелените и ФДП ја укинаа „партиската дисциплина“ за оваа седница, односно обврската пратениците да гласаат еднакво.

Министерот за здравство Карл Лаутербах изрази разочарување од отфрлањето на предлогот за воведување задолжителна вакцинација за лицата над 60 години.

– Големо е разочарувањето, бидејќи важната одлука беше одбиена, а сега ќе ни биде многу потешко да се бориме против короната наесен – рече тој.

Дебатата во Бундестагот беше многу жестока.

Поддржувачите на задолжителната вакцинација предупредија на нова ескалација на пандемијата наесен, а противниците побараа почитување на основните човекови права.

Related posts

Leave a Comment