Ракомет

Вардарци по скалпот на Кил, гигантот кој 17 години нема пораз во Скопје!

Во четвртото коло од Лигата на шампионите Вадар влегува како една од ретките екипи без пораз, но и со максимален број победи. По дуелот со Кил, попладнев од 17.30 часот, голема е веројатноста дека само еден од тимовите ќе ја задржи нулата покрај своето име, во графата за порази. Германскиот гигант доаѓа со две победи и реми дома против Кјелце.

Кој и да победи прво добро ќе се намачи за да го стори тоа. Кил игра во одлична форма, со само еден пораз во Бундеслигата и едно реми во ЛШ досега во сезонава, несметајќи го тоа што загуби од Барселона во финалето на Супер глоуб, во Саудиска Арабија.

Од друга страна, Вардар дома е, речиси, недопирлив во последниве години. Кога играчите ќе се мотивираат, со поддршка од полната сала (а денеска ќе биде преполна) ретко кој може да им се спротивстави. Токму затоа Тимур Дибиров излезе самоуверено на прес-конференцијата, во четвртокот, велејќи дека не гледа како Кил може да победи во Скопје.

А желбата да се совладаат „зебрите“ не е мала, затоа што тие се единствениот гигант кој дошол во „Јане Сандански“, а никогаш не загубил! Точно, нивната посегта лани, која резултираше со 28-27 не им вреди многу како победа, бидејќи Вардар беше вкупен добитник во тоа четвртфинале, поради триумфот на гости со гол повеќе (29-28). Сепак, ако се земе како обична победа, тоа е нешто што му недостасува на овој Вардар, а го има оној стариот од пред деценија и пол/

Во 2002, во славното „Кале“, со улоги на класичен Давид и Голијат се судрија Вардар на Столе Петрушевски и Кил на Нока Сердарушиќ и гигантот падна, со 27-26. Тоа е, веројатно, единствената ставка во која „стариот“ Вардар е подобар од овој „новиот“, двојниот шампион на Европа, во последните три години.

За да се поправи и тој елемент, ќе помогне присуството на Стојанче Стоилов, капитенот, кој беше отсутен во последните четири месеци бидејќи во јуни го оперира коленото. Останатите се во строј, подготвени, иако Писонеро откри дека Дисингер има мала повреда која го мачи, но нема да биде пречка да игра.

Извор Спорт 1

Related posts

Leave a Comment