Скопје

Во ОХИС освен линдан има жива, пестициди, ПВЦ во прав и други отровни супстанци

Image result for охис

На територијата на поранешната фабрика ОХИС со големина од еден хектар, освен илјадници тони канцероген линдан, складирани се и други отровни хемикалии на кои мора итно да им се најде чаре, велат за „Мета“, од неколку надлежни институции.

Во ОХИС има жива, други пестициди, киселини и ПВЦ во прав, вели за „Мета“, Аднан Ќахил, кој до неодамна беше министер без ресор во владата на Зоран Заев.

-Во ОХИС има многу отровни супстанци, има жива, има монохлороцетна киселина има пестициди, хербициди, фунгициди, полиакрил, естери, ПВЦ во прав и многу други супстанци, постои цела листа на хемикалии кои ги има ОХИС. Фабриката одамна е престаната со работа. Дали се соодветно складирани не знам затоа што не сум имал можност да влезам да видам и проверам. Верувам дека се, но доброто складирано не значи дека не треба да се отстрани, можно е да пукне, да протече – вели Ќахил.

Според него еден дел најверојатно ќе се продадат бидејќи се во пакувана форма, но друг дел, вели тој, најверојатно се расфрлани некаде.

-Ќе видиме што ќе биде со нив, треба да се направат анализи, да се испита. Не е до крај направено како што треба. Сега за прв пат систематски се работи на целиот проблем – додава Ќахил.

Дека има жива, која е високо токсична, потврдува и Сузана Андонова од канцеларијата за ПОПс при Министерството за животна средина.

-Има жива во делот каде што бил погонот за електролиза. И живата исто така ќе биде предмет на идно чистење, а технологијата што ќе се одбере за чистење на лиданот ако може да се искористи за живата би било добро. Нема точни истражувања колкава е количината на жива што ја има таму, но има слики каде што се гледаат цели локви од жива што значи на отворено таа испарува цело време – вели Андонова.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, каде што се наоѓа ОХИС, вели дека без разлика што хемикалиите се соодветно чувани тие мора да се расчистат.

-ОХИС не е само линданот, таму има и други пестициди и хемикалии кои биле користени во процесот на производството. Има жива, има хлор, винилхлорид. Тие со затварањето на ОХИС би требало да се третираат, знам дека моментално се чуваат, се складирани, но долгорочно треба да се отстранат бидејќи производствениот процес е затворен таму и тие повеќе не можат да се користат, а се опасност и за нашата општина и за општина Аеродром како соседна општина – вели Темелковски.

Живата е неуротоксична. Токсичните ефекти вклучуваат оштетување на мозокот, бубрезите и белите дробови. Труењето со жива може да резултира со неколку болести.

Винилхлоридот е исто така високотоксична хемикалија. Таа е канцерогена и класифицирана во Група 1 канцерогени супстанци.

Извор Скопје Инфо

Related posts

Leave a Comment