Свет

Германија од Полска побара прошка за жртвите од Втората светска војна

 

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер побара прошка од Полска за историски најкрвавиот конфликт, за време на церемонијата во полскиот град Вилон каде паднаа првите бомби од Втората светска војна пред 80 години.

„Се поклонувам пред жртвите од нападот врз Вилон. Се поклонувам пред полските жртви од германската тиранија. И барам прошка“, рече денеска Штајнмаер зборувајќи германски и полски.

Штајнмаер зборуваше заедно со неговиот полски колега Анджеј Дуда, кој го осуди нападот на нацистичка Германија врз Полска како „акт на варварство.“

„Не можеме да заборавиме на Втората светска војна дури кога ќе нема сведоци, за да се осигураме дека она што се случило во Вилон, а подоцна и во многу други места во Полска и во други земји, никогаш нема да се повтори“, рече Дуда.

Околу шест милиони Полјаци, вклучително три милиони полски Евреи загинаа во конфликтот во кој животот го загубија вкупно над 50 милиони луѓе.

Штајнмаер и други шефови на држави и влади се во Полска на одбележување на 80-годишнината од избувнувањето на Втората светска војна.

Подоцна денеска американскиот потпретседател Мајк Пенс, Штајнмаер и Дуда ќе одржат говори на главниот настан во Варшава.

Американскиот претседател Доналд Трамп го откажа патувањето за да се справи со ураганот Доријан кој се приближува кон Флорида.

Инвазијата на Полска од страна на нацистичките германски трупи на 1 септември 1939 година го означува избувнувањето на Втората светска војна.

Related posts

Leave a Comment