Свет

Горчливо отрезнување: Катар негира договор за гас со Германија! Нема алтернатива за рускиот гас

Катар во моментов не може да им помогне на земјите на ЕУ во нивните напори да најдат алтернатива за снабдувањето со руски гас, рече катарскиот министер за енергија Саад бин Шарид ал-Каби на Форумот во Доха во саботата (26-ти март) .

Според него, во моментот нема некој кој би можел целосно да го замени снабдувањето со руски гас за европските потрошувачи во блиска иднина.

 

Ова не е прва изјава на Ал Кааби во врска со замената на увозот на руски гас. Тој претходно изјави дека Катар нема да може да ја замени Руската Федерација, на која отпаѓа 30-40% од гасот што се испорачува во Европа и дека емиратот не е во можност да ги замени таквите количини.

Во интервју за Си-Ен-Ен Бизнис, катарскиот министер рече дека  Катар инвестирал 28 милијарди долари во проширувањето на своето гигантско Северно поле и очекува капацитетот за гас да се зголеми за повеќе од 60% за четири години. После тоа, околу половина од нејзиниот капацитет се очекува да оди во Европа. „Нашиот план е да бидеме 50% источно од Суец, 50% западно од Суец“, рече министерот. Околу 80% од гасот во Катар моментално оди за азиски клиенти, од кои многумина имаат потпишано долгорочни договори кои не дозволуваат пренасочување на снабдувањето кон други клиенти.

 

Слични ставови и катарскиот министер изрази вчера во интервју за германскиот медиум Франкфуртер алгемајне цајтунг  (ФАЗ).

„Мислам дека не можеме да и помогнеме на (Европа) во овој момент. Ќе бидат потребни години за да се воспостави снабдување со гас од Катар “, рече тој. „Да се ​​каже дека денес можам без Русија и да се каже дека Катар или други (извозници) можат да го заменат тоа е едноставно смешно. Тоа нема да се случи“, им порача Саад бин Шарид ал Кааби на ЕУ и на Обединетото Кралство.

Имено, во последните месеци претставници на Европската унија и на Обединетото Кралство постојано ја истакнуваа потребата од напуштање или намалување на зависноста од рускиот гас. Во исто време, Катар се сметаше за алтернативен снабдувач. Германскиот министер за економија и заштита на климата Роберт Хабек на 20-ти март, по посетата на Емиратот, рече дека се согласил да соработува во енергетскиот сектор, кој предвидува снабдување на Германија со течен природен гас (ЛНГ). Тој нагласи дека на средбата се разговарало за точните количини и време на испорака, но одби да даде прецизни детали и бројки.

Во истото интервју за FAZ, Саад бин Шарид ал-Каби ги негираше и извештаите за наводно постигнатиот долгорочен договор за испорака на ЛНГ од Катар во Германија, кои почнаа да се појавуваат во германските медиуми во контекст на изјавите на Хабек. На прашањето дали имало таков договор, државниот министер недвосмислено одговори: „Не“. Тој посочи дека постои „сериозен интерес“ за билатерална соработка, која, сепак, се уште не добила форма на конкретни договори.

Германскиот министер за економија и заштита на климата Роберт Хабек во петокот (25-ти март) рече дека Германија веќе постигна значителен напредок во намалувањето на нејзината зависност од руската енергија. „По истекот на договорите со руските добавувачи, компаниите не ги обновуваат и преминуваат на други добавувачи. И тоа се случува со лудо темпо“. Според него, Германија би можела да стане „во голема мера независна“ од синото гориво од Русија до средината на 2024 година.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, исто така, во петокот (25-ти март) изјави дека Германија би можела да стане независна од рускиот гас побрзо отколку што „многумина би очекувале“.

Со оглед на веста од катарскиот министер, оптимизмот на водечките германски политичари би можел да биде краткотраен. Во секој случај, изјавите од Доха се отрезнувачки, односно имаат капацитет да ги „оладат вжештените глави“ и имаат порационален поглед на реалноста – пред се за доброто на нејзиното население и германската економија.

Related posts

Leave a Comment