Концерти

„Да танцуваме!“ – симфониски концерт на Филхармонијата

„Да танцуваме!“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи вечерва во 20 часот. Под палката на маестро Габриел Бебешелеа од Романија, оркестарот ќе ги изведе прекрасните дела: „Словенски танци“ оп. 46 од Антонин Дворжак, како и „Симфониски танци“ оп. 45 од Сергеј Рахманинов.

Дворжак најголемата популарност ја стекнал токму со своите прочуени серии од осум „Словенски танци“, кои најпрвин ги напишал како сет за пијано дуо, по барање од германскиот музички издавач Фриц Симрок, идеја што всушност ја иницирал Брамс како еден од најголемите поддржувачи на чешкиот композитор. „Симфониски танци“ на еден од најголемите руски композитори Сергеј Рахманинов, опишани како длабоко емоционални и сентиментални, се сметаат за едно од најубавите оркестарски дела.

Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на државниот филхармониски оркестар „Трансилванија“ во Клуж-Напока, Романија. Неговата репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката, за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите.