Европскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел предупреди за можни судири меѓу руските и турските сили во Сирија.
Тој ги повика Европејците да најдат начин да влијаат на решавањето на конфликтот.
„Сведоци сме на конфликти меѓу сирискиот режим и турските сили, а да не зборуваме за ризикот од конфликт меѓу турските и руските војници“, изјави Борел синоќа во Европскиот парламент во говорот објавен денес од неговата служба.
Овие тензии може да предизвикаат поширок регионален конфликт, рече тој и се заложи за спроведување на прекин на огнот договорен од Анкара и Москва.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се закани денеска дека ќе го нападне сирискиот режим „насекаде“, во случај на нови напади врз турските сили во Сирија, и ја обвини Русија дека учествува во „масакрот“ на цивили во северозападниот дел на земјата.
Борел треба да учествува на состанокот на министрите за одбрана на НАТО вечерва во седиштето на Алијансата во Брисел. Турција е членка на НАТО и нејзините активности во Сирија и Либија се вознемирувачки за многу нејзини партнери.
Фактот дека Европската унија не може да влијае на сириската криза предизвикува „чувство на фрустрација“ затоа што Европската унија е немоќна, рече Борел пред европратениците.
Тој рече дека не вреди што ЕУ укажува дека треба да се запре, дека треба нешто да се направи, но дека е прашање колку моќ и капацитет треба да се вложи врз страните во конфликтот. Борел рече дека ЕУ нема средства да го спроведе тоа што го бара.
Според него, Еу со години говори дека нема воено решение за конфликтот во Сирија и дека на крајот има воено решение од страна на оние кои се во можност да користат воени средства.
„Европа не е во оваа позиција, ние постојано ги повикуваме сите да престанат со нападите врз цивилното население, да престанат со спречувањето на хуманитарниот пристап. Но, знаеме дека ова е принципиелна изјава која не ја поддржува ниту една сила што може да ја активира“, рече Борел .
„Ако навистина треба да бидеме геополитички актер, треба да дејствуваме и да имаме ресурси да го сториме тоа. Инаку, ние ќе продолжиме да одржуваме парламентарни сесии како што е оваа за да продолжиме да зборуваме треба, треба, треба“, предупреди Борел.