ФБ Статуси

Ивор Мицковски : Италија е изолирана од ЕУ, а Заев ќе ѝ оди на гости

Прочитав за италијанската иницијатива на премиерот Конте да ја отвори темата за преговори и во ноември месец, и дека нашиот премиер Заев сега бил помалку скептичен. Можеби е и подобро да остане таков. Не треба да се отфрла априори или ен блок ниедна иницијатива, на ниедна земја членка на ЕУ, но треба да се биде внимателен Македонија да не биде вовлечена во внатрешните борби за моќ на Унијата, и во обидите некои земји, на наш грб да излезат од својата безначајност, или нашиот проблем да го искористат како притисок за други нивни интереси.

И ќе го образложам ова детално преку анализа на италијанската актуелна позиција во ЕУ. Слабоста на домаќинот на Јужното крило на НАТО алијансата се виде веќе во однос на Ердоган и на Сирија. Турција го загрозува функционирањето на НАТО, па нормално е Европа да седна на маса со него. Со тие зборови Макрон ја најави средбата која тој, Меркел и Џонсон, ќе ја имаат со султанот во декември пред самитот на НАТО во Лондон. Италија не е поканета.

Пред почетокот на Европскиот совет каде не добивме датум, се одржа еден мини самит. На средба за доручек, на разговори со Урсула фон Лејен на маса беше изнесен стратешкиот план за новата Комисија и се разговарало за трите неуспешни кандидатури за комесари од страна на Европскиот парламент. Присутни биле лидерите на Шпанија, Португалија, Франција, Германија, Холандија, Белгија, Хрватска и на Летонија. Италија и Конте, уште еднаш не биле поканети.

Политичката улога на Рим секогаш била релативно слаба во смисла на лидерство во ЕУ, но денеска таа е слаба во смисла воопшто на партиципација на главната маса. Проблемот е јасен и очигледен. Повеќе од година дена Италија беше водена од популистичка и антиевропска владејачка коалиција, и поради тоа се наоѓаше во состојба на политички карантин. Исклучена од сите игри, исфрлена од секаков проект за иднината.

Таквата ситуација и излезот на Рим од актуелната изолација, не е прашање на неколку недели или месеци. А, Заев во Рим треба да е гостин веќе следната недела. Особено тој потфат за Рим ќе биде тежок, зашто лидер на извршната власт е истиот Конте кој ги водеше или го водеа, популистите Ди Маио и Салвини. Италија го има сѐ уште истиот министер за надворешни кој одеше во Франција и ги поддржуваше жолтите елеци и зборуваше за францускиот колонијализам. Ова особено го нагласувам во ситуација кога Италија треба да го презентира својот буџет пред Брисел, и нема гаранции дека лесно ќе им помине.

Со други зборови, треба да се внимава од кого се добива помош и дали таа помош може само повеќе да ни наштети во односите со држава како Франција – очигледно новиот, дрзок лидер на ЕУ. Треба да се внимава да не бидеме вовлечени во играта и борбата на сила во ЕУ. Кога веќе сме поддржани силно од Берлин, верувам дека оттаму е најпаметно да се бара совет и следни чекори. Барем додека Меркел е на власт.

Фејсбук статус на авторот

 

Related posts

Leave a Comment